| четврток, 6 декември 2018 |

Библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија го врати стариот сјај:„Огледало“ на Пејчиновиќ се чува во неа

Преку проектот за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура, во Гевгелија беше промовирана комплетно реконструираната фасада на библиотеката „Гоце Делчев“, објект што е споменик на културата и кој има посебно место во историскиот развој на Гевгелија.

На претставувањето присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, директорот на библиотеката Драган Хаџи-Николов, градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, како и многубројни претставници на културниот и на политичкиот живот на градот.

-Многу сум задоволна што, конечно, на овој објект со карактеристична архитектура, со реконструкција на фасадата и другите елементи му е вратен сјајот. Со реализацијата на проектот уште еднаш на дело ја потврдивме нашата заложба за зачувување, обнова и ревитализација на урбаните содржини во повеќе заштитени и други градски целини во Македонија, истакна министерката Канческа-Милевска нагласувајќи дека во минатото биле извршени нестручни поправки и интервенции, кои влијаеле штетно на објектот и за таа цел биле превземени заштитни интервенции и проект за конзервација, санација и реставрација на зградата на библиотеката.

Во оваа библиотека се чува најстариот ракопис на првата книга од Кирил Пејчиновиќ, „Огледало“, објавена во 1816 година во Будим. Таа е неопходна книга – прирачник за свештеникот при вршење на верските обреди. Првиот дел го сочинуваат молитви и верско-обредни текстови на црковнословенски јазик со македонски народни црти, а вториот дел го сочинуваат беседите напишани на тетовски говор со елементи на скопскиот и други македонски говори. Во првиот дел од книгата, Пејчиновиќ дава коментари на Библијата, а во вториот, во беседите, поучува и критикува. Ги напаѓа суеверието и паганските обичаи на народот. Во овој текст, Пејчиновиќ мошне интересно ја поистоветува верата со народноста. И тој како и Крчовски, ги критикува своите колеги-поповите. Им забележува дека себично се здружиле со Турците и го измачуваат сопствениот народ. Неговата просветителска насоченост се согледува во пропагандата на книгите.

-Ова значајно дело од нашиот преродбеник соодветно ќе биде зачувано и заштитено и ќе биде сместено во Музејот или во поставката на градот – истакна министерката.

Истовремено во Гевгелија се реализирани повеќе проекти штовеќе ја остваруваат својата функција, ја збогатуваат културата на локално ниво и создаваат услови за развој на културниот туризам. Така, отворена е сувенирница на граничниот премин Богородица, реконструиран е и стариот Амам во центарот на Гевгелија, кој сега функционира како уметничка галерија во која се изложени делата на Друштвото на ликовните уметници од Гевгелија, а и театарот во овој град доби современа театарска зграда, археолошка поставка со богати експонати и наоди, како и реновираната автентична фасада на Музејот на Гевгелија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top