| четврток, 6 декември 2018 |

„Келн штадт анцајгер“: Охридско Езеро е најстаро во Европа

Истражувањата што минатата година беа спроведени во рамки на прокетот за утврдување на староста на Охриско Езеро и климатските промени низ времето беа причина за келнскиот весник „Келн штадт анцајгер“ да објави интересен напис.

Авторот на текстот пренесува изјави и цитати, импресии на експертот Бернд Вагнер, кој беше дел од експедицијата составена од експерти по геологија и минерологија од Унверзитетот во Келн, кој, меѓу другото, вели дека се работи за најстарото езеро на континентот, старо повеќе од милион години.

Вагнер вели дека постојат многу малку езера во светот што се постари од милион години. Како пример тој посочува дека повеќето езера во Германија или во Скандинавија се појавиле по последната ледена доба, што значи дека се помлади од 15 илјади години. Исто така, тој наведува дека Охридско Езеро, меѓу другото, е посебно поради постоењето над 200 животински и растителни видови, ендемски видови присутни само во тоа езеро и никаде на друго место во светот.

– Целта на експедицијата беше да запознаеме со точната старост на езерото и да се научи нешто повеќе за неговото потекло, за тоа како дошло до толку необичен биодиверзитет, потоа дали климатските промени водат кон исчезнување на постојните видови организми и слично… – вели меѓу другото експертот Вагнер.

Поради големиот интерес за одговорите на тие и други прашања, во април минатата година почна испитувањето, работејќи во смени на пловечка платформа, составена од осум 40-метарски контејнери.

– Бевме сместени во хотел на источниот брег на езерото и секој ден со мал брод пловевме до платформата на средината на езерото. Со специјална дупчалка, ископавме седименти на длабочина од 569 метри под дното на езерото – се сеќава Вагнер, наведувајќи дека истражувањето се одвивало според предвиденото, освен неколкуте дена на самиот почеток кога поради лоши временски услови морале да останат во хотелот.

Појаснувајќи за целата експедиција, Вагнер наведува дека целиот проект требало да стартува летото 2012 година, но бил одложен за 2013 поради инцидент и пожар на бродот „Фламанија“ со кој била транспортирана опремата, трагедија во која загинале и две лица.

– Кога бродот по патешествие од неколку седмици конечно од САД пристигна во пристаништето во Вилхелмсхафен, моравме сѐ да подготвиме повторно од почеток – се сеќава Вагнер.

Што се однесува на анализите на земените примероци од седиментот на Охридско Езеро на Институтот во Келн веќе се работи на проценка. Работата се одвива така што секое извлечено јадро од седиментот се дели на делови од по пет до десет метри, и секој негов дел се обработува, фотографира, документира. Според геологот Вагнер, во првите анализи на материјалот можат да се најдат остатоци на мали животни и минерали, од кои ќе се извлечат заклучоци за состојбата во животната средина во одреден временски период.

– Тој зеленкаст талог, секоја карактеристична негова промена, претставува богата ризница на информации. Од геолошки аспект, тука се архивирани податоци за вулканска активност што се случувала милион години пред нас – додава експертот.
Самата анализа на сите земени примероци седимент се очекува да трае до две години, по што сите информации ќе бидат објавени во спесијализирано природно-научно списание.

– Но, она што можеме веќе со сигурност да го кажеме дека Охридското Езеро е помладо отколку што се мислеше. Нашите проценки се дека неговата старост е некаде меѓу 1,3 до 1,8 милиони години. Но, мора да се нагласи дека секако тоа претставува референца за комперативна анализа и верификација на климатските модели, убеден е професорот Вагнер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top