| четврток, 6 декември 2018 |

Лозано за Даниел: Браво царе!

Македонскиот претставник на „Икс-фактор“, Даниел Кајмакоски, синоќа ја одбра песната на Влатко Лозаноски – Лозано на вечерта посветена на домашната музика, што позитивно го изненади македонскиот пејач.

– Браво царе, одличен перформанс уште еднаш.  А, најпозитивно ме изненади тоа што ја избра баш „Сонце не ме грее” и ја испеа феноменално на свој начин. И ме радува тоа што континуирано сеуште има огромна поддршка и позитивни критики за Даниел од сите Македонци. Искрено жал ми е за Фифи што не успеа да оди понатаму, но но ништо не е изгубено, веќе и двајцата се докажани и со сигурност ќе имаат одлична музичка кариера – вели Лозано.

Даниел, пак, синоќа потенцираше дека „Сонце не ме грее“ му е една од омилените песни испеана од одличен вокал како што е Лозано.

За изборот на песната и изведбата, Даниел доби поддршка и од други македонски пејачи.

– Ме радува изборот на Даниел и тоа што испеа една од најдобрите македонски композиции што некогаш се направени. Без разлика на крајниот исход, овој Македонец со извонреден талент за мене е апсолутен победник и затоа заслужува голема поддршка. Радувај се Македонијо, напред Кајмакоски! – својата поддршка ја даде и македонскиот пејач Димитар Андоновски.

„Сонце не ме грее“ е дело на македонскиот композитор и продуцент Лазар Цветковски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top