| четврток, 6 декември 2018 |

Нови 587 невработени лица ќе добијат финансиска помош за вработување

Нови 587 лица на возраст од 50 до 59 години, млади лица до 29 години, долгорочно невработени лица – над пет години, како и лица кои до 18. година имале статус на деца без родители ќе бидат вработени годинава со субвенционирање на вработување преку финансиска поддршка, мерка која е дел од владиниот оперативен план
за вработување.

– За 2014 година обезбедивме финансиска поддршка за вработување на 587 евидентирани невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа на Агенцијата за вработување на Република Македонија кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд. Од нив околу 80 лица се од ранливите групи: жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, жртви на трговија со луѓе. Оваа мерка е наменета и за лица на возраст од 50 до 59 години, млади лица до 29 години, долгорочно невработени лица (5 години и повеќе), како и лица кои до 18 години имале статус на деца без родители – изјави на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Појасни дека финансиската поддршка за вработување на невработени лица од ранливи групи изнесува 17.000 денари по лице месечно, од кои 3.000 денари по лице ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес.

– За секое вработено лице се исплаќа бруто-плата во износ од 13.000 денари месечно за период од 6 месеци. Работодавачот има обврска лицето да го задржи на работа најмалку уште 12 месеци (вкупно 18 месеци) или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на невработени лица, при што приоритет ќе имаат лицата од истата целна група – истакна Спасов.

Мерката се однесува и на лицата кои до 18. година имале статус на деца без родители, а годинава преку неа ќе можат да се отворат 20 работни места.

Програмата за субвенционирање на вработување невработени лица се реализира
континуирано од 2007 година. И министерот Спасов и директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, мерката ја оценија како една од најуспешните. Преку неа, посочија, во изминатите години се постигнати 4.668 вработувања на граѓани од овие категории.

Анализите покажуваат, истакна Поповски, дека повеќе од 60 проценти од лицата кои се вработени со оваа мерка остануваат на работните места подолго од предвидените 12 месеци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top