Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), со 48 гласа „за“, четири против и шестмина воздржани денеска гласаше за предлог-резолуцијата за Република Македонија во однос на последниот прогрес-извештај на Европската комисија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, денеска се случија само две промени во однос на последните компромисни амандмани на известувачот Ричард Ховит, при што двојазичноста во земјата што ја побара Ховит е заменета со воведено двојазично образование „на незадолжителна основа“, додека ултранационализмот останува, но се појаснува дека се однесува на секоја земја во проширувањето, а не на Македонија.
Она што е најважно е дека првиот параграф од предлог-резолуцијата на Ховит останува, а тоа е дека „ЕП го повторува своето барање до Европскиот совет да одреди датум за почеток на преговори без натамошно одложување“. Компромисните амандмани два и три остануваат, па така во првиот Европарламентот го повикува грчкото претседателство со ЕУ да ја искористи позитивната динамика на нивното лидерство за да развијат нови иницијативи за надминување на ќор-сокакот во преговорите и да се дојде до решение и се охрабрува Македонија да ги консолидира реформите и обратните политики и практики што може да бидат пречка за нејзината европска иднина и решавање на тековните расправии со соседите.
Сега помина амандманот 22 на романската европратеничка Норика Николај, во кој се вели дека „ЕП ги дели погледите на Европската комисија дека билатерални прашања не треба да задржуваат во пристапувањето кон ЕУ и тие треба да се решат што е можно порано во процесот на проширување преку интензивен и отворен дијалог во духот на заедничката европска иднина“.
Она што е најважно е што е променет дел во компромисниот амандман 12, каде што претходно се посочуваше дека ЕП жали што поголем напредок сѐ уште не бил постигнат во однос на интегрираното образование и се наведуваше дека „ЕП бара акција на ова прашање за да се избегне поделба и потенцијални конфликти по етничка линија меѓу децата на училишна возраст. Во исто време се истакнува важноста на промовирање инклузивно двојазично образование и двојазичност во целина, а особено во општините каде што немнозинските заедници треба да се здобијат со уставно право да го користат својот јазик во јавниот живот и официјални акти“.
Сега, останува делот за промоција на инклузивно промовирање на двојазично образование, но продолжението на реченицата е целосно избришано и место тоа стои дека истото треба да биде … „на незадолжителна основа“.
Во соопштението до јавноста по денешното гласање, известувачот Ховит напоменува дека тековното грчко претседателство со ЕУ треба да се претвори во предност, а не пречка, во однос на долгогодишнио спор за името меѓу Атина и Скопје.
– Предлог-резолуцијата за која Европарламентот ќе дискутира на пленарна седница на 5 февруари во Стразбур, а ќе гласа ден потоа, исто така повикува Грција да го искористи раководењето со Унијата да се надмине сегашниот ќор-сокак за пристапување на земјата во ЕУ и да се инјектира нов импулс во решавањето на прашањето за името – вели Ховит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



