Седум милиони евра ќе ги чини загрепските власти за да воведат еден од најмодерните системи на безжичен Интернет со кој целиот град ќе може бесплатно да ја користи глобалната мрежа, пишува „Јутарњи лист“.
– Нема тоа да бидат типични Ви-Фи места, со мал домет и слаба пропустливност. Нема да биде од оној вид кога ви требаат безброј секунди за да се вчита страницата или кога мора да се одвојат десет минути за од почеток до крај да се изглед триминутно видео на Јутјуб, опишува „Јутарњи лист“, повикувајќи се на соработниците на загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ.
Според весникот Загреб за неколку месеци во својот центар би можел да биде опремен со т.н. „Меш“ мрежа, која на граѓаните би им овозможила со помош на своите смартфони, таблети и лаптопи бесплатно да се вклучуваат на Интернет, да симнуваат содржини, да комуницираат, да плаќаат онлајн сметки и да читаат вести.
Овој проект, за кој како што пишува весникот, загрепските власти веќе распишаа тендер, во првата фаза на спроведувањето би чинел околу 140 илјади евра.
Во првата фаза на проектот со сигнал ќе бидат покриени железничките и автобуските станици, што ќе им биде од голема помош на патниците, но и на бројни туристи, кои на тие два пункта пристигнуваат во Загреб. Во крајната фаза на проектот предвидено е поголемиот дел од Загреб да биде покриен со бесплатен Интернет, а вкупната цена на целиот потфат, кој делумно ќе се финансира и од фондовите на ЕУ, ќе чини околу седум милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.