
фото: Вест
Скопје е полно со тајни, кои постепено ги откриваме, со текот на времето. Една од тие тајни е и гробот на Исхак-бег, значајна личност и градител од првата половина на 15 век. Неговиот живот е драматична судбина и приказна за раниот османлиски период кај нас, кој е сложен и токму затоа постојан предизвик за истражување, пишува Вест.
Реставрацијата која е во тек, покажува дека станува збор за гробница која и по монументалноста и по својата форма се изделува од другите вакви градби од османлискиот период во Скопје. Затоа е добро што таа, конечно, се обновува. За жал, при нејзината обнова, урнат е голем дел од средновековен ограден ѕид, особено значаен за археологијата, кој се наоѓа во близина, а на неговото место се поставени огромни потпорни бетонски плочи.
Деновиве имаме можност подетаљно да ја откриеме гробницата на Исхак-бег, бидејќи, со започнатата реставрација, може да се влезе во нејзината внатрешност. Тоа е возбудлива средба со мирисот и здивот на вековите, кои долго време биле заробени во неа. Затоа велиме, се отвора импресивна слика, во една симболична и метафорична смисла, како при откривањето на тајната на гробницата на Тутанкамон. Тоа може да се види и по фотографиите што ги направивме во нејзината внатрешност. Пред сe, по елиптичната сферично-космичка нагласеност и импресивност на формите направени од тули, кои, споредени со слични исламски објекти, како да го симболизираат спојувањето на небото и земјата. Малите специјални отвори од страните го отсликуваат треперењето на бесконечните ѕвездени простори, кои продираат во внатрешноста. Сликата и доживувањето се уникатни.
Исхак-бег е син на освојувачот на Скопје, Игит-паша, од кого ја наследил титулата војвода на новоосвоените краишта на Балканот. Бил заповедник на Скопје уште во првите децении на 15 век. И токму тука започнуваат легендите и приказните. Но и фактите: некои истражувачи сметаат дека тој не му бил роден син на пашата, туку посвоеник. Така се востоличила лозата на османлиските великодостојници Исаковиќ, чии корени траат со векови. Во пошироката јавност помалку е познато дека синот и наследникот на Исхак-бег, Иса, е основач и на градот Сараево, но и на Нови Пазар, каде што градел свои месџиди. И денес во Сараево се доделува високо признание под неговото име – “Иса-бег Исаковиќ”. Таткото Исхак-бег, а потоа и синот, биле толку моќни, што преку Скопје ја контролирале целата трговија меѓу Западот и Истокот. Особено трговијата на дубровчаните, кои му плаќале високи даноци на султанот, и имале постојана преписка со нив. Затоа архивите во Дубровник сe уште кријат многу тајни од историјата на Скопје, кои треба да се истражат. Исхак-бег имал тројца синови: Мустафа-бег, Паша-бег и Иса-бег. По смртта на таткото, браќата се скарале за наследството. Документите од тоа судење се сметаат за најстарите пишани документи кои потекнуваат од османлиското владеење во Скопје. Иса-бег успеал да ги надмудри браќата и да ги добие власта и наследството, а неговата џамија, која денес се наоѓа до Поликлиниката на Бит-пазар (кај чинарот), е една од најголемите и најубави во градот.
Кога и како починал Исхак-бег? Не може точно да се утврди тоа. Сепак, како време на смртта се зема годината 1444, бидејќи во еден документ од 1445 год. тој веќе се споменува како покоен. Се претпоставува дека со својата коњица учествувал во битката кај Варна, во која загинал. Се поставува една интересна загатка, која не може со години да се реши: зошто тој не е погребан во турбето до неговата Алаџа џамија, туку на ридот под Саат-кулата? Дали повеќе му импонирал просторот кај царевата Султан-Мурат џамија? Тоа е една од причините, а сигурно имало и други. Градењето на Султан-Мурат џамијата (1436) и смртта на Исхак-бег се многу блиски (1444). Тогаш, кој е погребан во Шареното турбе до Исхакбеговата џамија во близина на Театарот на националностите? Има повеќе легенди и приказни за тоа. Што се однесува до почивалиштето на Исхак-бег под Саат-кулата, тоа било разурнато во силниот земјотрес од 1555 год., а, најверојатно, и во пожарот на Пиколомини од 1689. Но долги години стоело запустено и необновено, сe до нашите денови. Од објектите што ги изградил Исхак-бег во Скопје, бездруго треба да се споменат Безистенот, Сули-ан, Алаџа џамијата, голем, двоен амам кој денес не постои, како и медреса, која била позната во целиот исламски свет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


