Ако Европа ги отвори вратите за храна од клонирани животни, потрошувачите треба да имаат избор со тоа што овие производи јасно ќе се означат, бара Европската организација на потрошувачи.
Организацијата смета дека европските граѓани можеби и ја јадат, а воопшто не се свесни за тоа.
„Увозот на месо од САД, Аргентина и Бразил може да донесе месо од подмладок добиено од клонирани животни. Без ефективно означување европските потрошувачи не можат да знаат од каде потекнува аргентинскиот стек или американското телешко месо, бидејќи во овие земји нема систем на следење на клонираната храна“ велат од организацијата.
Организацијата неодамна се изјасни дека не се согласува со мерките кои Европската унија ги предложи за регулирање на користењето на техниките за клонирање во производството на храна.
– Со мерките на Европската комисија не е опфатено потомството од клонирани животни, туку се фокусираат на самите клонови. Ниту еден фармер не би произвел месо од клон што чини сто илјади евра. Клонираните животни се користат за репродуктивни цели, а не за да завршат во нашите чинии – посочуваат од Европската организација на потрошувачи.
Европската комисија во декември усвои три нацрт-закони околу клонирањето животни и за новата храна што е произведена на нов начин. Притоа, во нив се предвидува во Унијата да се забранат техниките на клонирање на домашни животни, увоз на вакви клонови и рекламирањето храна од вакви животни. Со овие директиви се предвидува дека ќе се спречи ваква храна и млеко да не влезат на европскиот пазар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


