Бугарија не може да отстапи од барањето дека Уставот на Република Македонија не смее да биде основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија. Според членот 49 во Уставот, Македонија треба да води сметка за правата на македонското малцинство во Бугарија и Грција. Не би сакал да влегувам во детали, но тоа е важен елемент на спогодбата за добрососедски односи за кои преговараме, посочил бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин за софиското Радио Дарик.
Според него ова е едно од најосетливите прашања на оваа спогодба и не може да се отстапи од барањето за формулација која би гарантирала овој член од Уставот дека не е и не може да биде основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија, рекол шефот на бугарската дипломатија Кристијан Вигенин.
Вигенин рекол дека по постигнувањето на спогодбата би требало да се формира одбор на стручњаци од Бугарија и Македонија за историја и образование, кој треба да ги реши „проблемите со историјата на разумен начин, без емоции“.
-Сакаме да видиме подготвеност од македонската страна активно да учествува во разгледување на историските настани. Сметам дека предлогот за соработка во одборот за историја и образование треба да биде така формулиран да овозможи расправата на стручњаците за најостеливите прашања да не ги загрози политичките односи- рекол Вигенин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


