Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос и американскиот државен секретар Џон Кери само кусо се осврнале на прашањето за името на Македонија, додека за другите прашања разговарале многу подетално, јавуваат денеска грчките медиуми.
Како што пренесува дописникот на МИА од Атина, дури ни грчкото МНР во соопштението од средбата во Вашингтон, кое всушност е транскрипт од изјавите на двајцата министри, воопшто не го споменува прашањето за името.
„Зборувавме и за поширокиот регион на Западен Балкан… Дискутиравме за европската перспектива на нашите соседни земји, која ние ја поддржуваме под услов да ги исполнат критериумите“, ја пренесува грчкото МНР изјавата на Венизелос.
Провладиниот весник „Катимерини“ од извори во грчкото МНР дознава дека американскиот државен секретар „покажал само мал интерес“ за прашањето за името на Македонија, додека за односите со Турција било разговарано во детали.
Според информативниот портал „И-ефимерида“ (Е-весник) Кери рекол дека „последниот говор на Венизелос за прашањето за Скопје на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел во декември бил ’одличен’, но истакнал дека ’се додека проблемот останува нерешен, тој влијае врз двете страни’“. Венизелос, пак, од своја страна рекол дека „Скопје во моментов има сериозни проблеми за решавање во однос на името“, јави „и-ефимерида“.
Кипарскиот весник „Филелефтерос“ пишува дека „во врска со прашањрто за Македонија, не постоело ’чувство на притисок’ врз грчката страна“ и Кери веќе бил информиран од страна на Венизелос на нивната последна средба во Брисел на маргините на состанокот на НАТО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


