| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Турскиот театар е двигател на македонската театарска уметност

Современ нов објект, кој во целост ќе го задоволи функционалните, техничките и естетско-архитектонските критериуми, за прв пат по 63 години од осамостојувањето, ќе добие Турскиот театар во Скопје.

Сместен е во близина на поранешното балетско училиште, објектот кој е  проект на Владата на Република Македонија, кој се реализира преку Министерствто за култура и националната установа, ќе располага со вкупно 8 нивоа од кои пет надземни и три подземни.

Ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. Малата сцена ќе биде со површина од 180 м2 и максимален капацитет на посетители до 150, додека големата сцена во објектот ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта. Покрај основната фунцкија на објектот, планирано е во негови рамки на функционира и изложбена галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала.

На свеченото поставување на камен темелник на Турскиот театар присуствуваше и премиерот на Р.Македонија Никола Груевски, министрите за култура и за транспорт и врски, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески, а присутна беше и турска делегација на чело со вицепремиерот на Турција Емрулах Ишлер.

– Уметноста е процес, а не производ и затоа ние треба да ја поддржиме – истакна на денешното обраќање премиерот Груевски.

Груевски потенцираше дека повеќе од половина век турскиот театар е двигател на македонската театарска уметност и досега 40 години заедно делеле објект со Албанскиот театар за конечно пред една недела да започне реконструкцијата на Албанскит театар и денеска изградбата на Турскиот театар.

-Културата на една држава во многу нешта зависи од почитувањето и афирмацијата на културните различности кои опстојуваат на нејзиниот простор. Различностите се богатство на државата по кое таа е препознатлива во светот, богатство кое треба да се негува и да се користи како извор на креативен потенцијал – истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Министерката потенцираше дека Турскиот театар и неговиот повеќедецениски подем во нашата театарска историја имаат неоспорно значење кое е подвлечено со фактот дека овој театар е единствениот на Балканот и во Европа, кој повеќе од половина век делува надвор од границите на матичната држава, Република Македонија.

-Во текот на изминатите седум децении овој ансамбл создаде специфичен и креативен театарски израз кој ја промовираше турската театарска традиција во културниот живот во нашата држава. Токму затоа Владата на Република Македонија и Министерството за култура го поддржаа проектот за изградба на новиот современ објект на Турскиот театар – додаде Канческа Милевска.

Изведувач на работите е градежната компанија „Бетон“, а се очекува за 14 месеци да биде изградена карабината на објектот. Изградбата на карабината ќе чини 248 милиони денари. Проектот е изработен на основа на првонаграденото конкурсно решение за идејно архитектонско решение на архитектот Виктор Михајлов.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top