| четврток, 6 декември 2018 |

Утре е Богојавление – Водици

Над 200 граѓани годинава ќе се обидат да го фатат светиот крст што утре точно напладне во водите на реката Вардар во Скопје ќе го фрли архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици.

Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа и се верува дека тој што ќе го фати ќе го следи благослов и среќа цела година. Празникот се слави уште од вториот век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден.

Меѓу пријавените кандидати има граѓани кои со децении скокаат по светиот крст, но и такви што досега никогаш не присуствувале. Има пријавено и едно девојче и неколку малолетници.

Капачите треба да се на местото на настанот утре во 10 часот и со себе да ја носат потврдата што им е издадена од спортска медицина бидејќи во спротивно нема да им биде дозволено да учествуваат.

Василевата литургија ќе почне во 9 часот во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје, по што поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе ги освети водите на Вардар.

Организатор на манифестацијата и годинава е весникот „Нова Македонија, која ќе подели специјални пропусници за сите учесници, нивните придружници, гости, новинарски екипи и други лица. Учесниците може да дојдат со најмногу двајца придружници, за кои ќе биде обезбеден посебен дел по должината на кејот за да се избегнат турканици и метежи. Евиденцијата  на учесниците на денот на одржување на манифестацијата ќе биде на три пункта, каде што ќе има списоци по азбучен ред на сите учесници.

Годинашен кум на манифестацијата е 26-годишната Ана Марија Вуковска, која за најсреќниот што ќе го фати крстот има подготвено пригодни подароци како плазма телевизор и икони од осветените места во Ерусалим. Таа најави дека во чест на кумството ќе учествува и во изградбата на црквата „Свети Серафим Саровски“ во близина на Бигорскиот манастир.

Директниот пренос со повеќе подвижни камери поставени на кранови од целата церемонија проследете го на Телевизија Сител. Екипите на Црвен крст ќе обезбедат три тима за прва помош, спасувачи и чамец со спасувачи во вода. Од Црвениот крст препорачуваат капачите да носат соодветни обувки кои ќе ги заштитат од евентуални повреди, да не конзумираат голема количина на алхокол и да не влегуваат прерано во водите на Вардар со цел да се избегнат хипотермички удари од студ.

Освен во Скопје, крстови ќе бидат фрлени и во водите низ останатите градови во државата, а голема масовност се очекува и во Охрид каде манифестацијата ќе започне во 10 часот кај Градското пристаниште, а крстот ќе биде фрлен во водите на езерото околу 10:15 часот. Според најавите, се очекува бројот на оние што ќе скокаат по крстот да биде над илјада, од кои повеќе од 200 верници се  од други градови и држави. Годинашни кумови се охридскиот градоначалник Никола Бакрачевски и охридскиот стопанственик Сашо Симески.

Се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. Некрстени денови.

Богојавление (Водици) – 19 јануари, согласно Законот за празници на Република Македонија, е неработен ден за верниците од православна вероисповед.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top