| четврток, 6 декември 2018 |

Донации, премиери, први книги и нов театар ја обележаа 2013 година

Од многуте настани што ја обележаа минатата година се издвојуваат одлуката на Министерството за култура за финансиска поддршка на издавачите од странство што во иднина ќе публикуваат книжевни дела од македонски автори, драмскиот текст „Вечна куќа“ од Јордан Плевнеш, кој дефинитивно влезе во македонската театарска историја, тридимезионалната презентација за Плаошник на професорите, асистентите и студентите од Меѓународниот универзитет „Свети Апостол Павле“ од Охрид, бројни концертни настапи на македонски уметници, наградата за литература од ЕУ доделена на Лидија Димковска

Зад нас е уште една година исполнета со културни промоции, фестивали, премиери, донации… Повеќемина автори ги објавија своите први стихозбирки, романи, многумина беа наградени, дома и во светот, некои актери првпат застанаа на штиците што живот значат, а некои ја одиграа својата прва филмска улога.

Kultura-2013-Vecnata-kuka

Премиера на „Вечната куќа“

Меѓу многуте настани од областа на културата што ја обележаа 2013 година се издвојуваат одлуката на Министерството за култура за финансиска поддршка на издавачите од странство кои во иднина ќе публикуваат книжевни дела од македонски автори, драмскиот текст „Вечна куќа“ од писателот Јордан Плевнеш, кој, дефинитивно, влезе во македонската театарска историја, тридимензионалната презентација за Плаошник на професорите, асистентите и студентите од Меѓународниот универзитет „Свети Апостол Павле“ од Охрид, потпомогнати од покојниот археолог Владо Маленко, многубројни концертни настапи на македонски уметници, мултимедијалната колонија „Битола 2013“, на која учествуваа петнаесет сликари и писатели, наградата за литература од ЕУ доделена на Лидија Димковска, која со овој чин стана вториот македонски автор што се закитил со ова високо книжевно признание, по Гоце Смилевски.

Kultura-2013-Darko-Lesoski

Дарко Лешоски

Во 2013 година поетот од „Фејсбук“ Дарко Лешоски одлучи да ја допре реалноста. Момчето кое порасна во „државата“ Вевчани и кое прерасна во најчитаниот и најпродуктивен македонски поет на социјалната мрежа „Фејсбук“, а неговите песни со брзина на светлината се распослаа низ сите македонски културни прибежишта, конечно, ги собра своите единствени креации од зборови на едно место и ги преточи на хартија, ги смести во време и во простор, ги претвори во опиплива материја.

Со оглед на тоа дека првичната идеја на Дарко беше неговите песни да се „вртат“ во виртуелен простор, за овој свој потфат тој вели:

– Затоа што ми рекоа „опрај се“! (се шегувам). Затоа што некако излезе од контрола работата. Некако согледав дека за мене сето тоа блуткаво пишување во еден здив, корнење без мислење, некому му значи. И дека секое мое понатамошно негирање или глумење млада невеста која сака да биде молена не е фер и човечки кон тие луѓе. Инаку, не се потресувам воопшто на книга и сѐ уште ми се смешни компарациите со чедо или првенче. Гледам на книгата како на практична работа – организирана. Сепак, убаво е чувството, убаво е да не се лажеме – вели Лешоски.

Kultura-2013-Boris-Cipan

Борис Чипан

Стручната оставина на архитектот Борис Чипан беше донирана на Музејот на град Скопје. Оваа значајна вест ја пренесоа голем број медиуми во земјава, свесни за големото значење на богатото творештвото кое зад себе го остави големиот архитект, конзерватор, професор и декан на Архитектонскиот факултет на УКИМ, кој сѐ до својата смрт беше омилен и меѓу младите желни за знаење. Донацијата е по негова желба, а му ја исполни синот Александар, овозможувајќи им на сегашните и на идните генерации да се запознаат со начинот на кој Борис Чипан работеше, создаваше, пишуваше, но и мошне отворено зборуваше за општествените промени. Тоа богатство, кое пред само неколку месеци почна да се евидентира, досега брои 413 единици, а во него спаѓаат и фотографии, филмови и лични предмети. Тие со сигурност ќе привлечат големо внимание во јавноста по оформување на соодветната збирка, која ќе им послужи на проучувачите на архитектурата, на конзерваторите на културно-историските вредности, да си ги надополнуваат своите знаења со мудроста и високопрофесионалниот однос што го имаше Чипан кон делата кои неуморно ги создаваше до крајот на животот (1918 -2012).

Kultura-2013-Spomen-soba-na-Ante-Popovski

Спомен собата на Анте поповски

И уште еден син по име Александар, синот на големиот поет и писател Анте Поповски, по повод десетгодишнината од татковата смрт, годинава од име на семејството донираше дел од богатата оставина на неколку институции. Од библиотеката од четири до пет илјади книги на Анте Поповски, семејството одвои околу 3.500 книги од областа на филозофијата, медицината, уметноста, енциклопедии, македонски и светски поетски изданија и ги донира на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и на Кинотеката во Скопје, на Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ и на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола. Во битолските институции е планирано да бидат оформени и спомен-соби. Спомен-соба на овој голем автор беше отворена и во зградата на Општина Ѓорче Петров. И оваа донација е по желба на таткото, која како аманет ја реализираше синот.

Kultura-2013-Ogneni-jazici

Премиера на „Огнени јазици“

Она што ги одвојува овие два исклучителни геста со непроценлива важност за културата и за историјата на Македонија не е само содржината на оставините на личностите со потврдено место во општеството, туку и начинот на кој нивните потомци го третираат аманетот. Внимателно, со чувство на одговорност кон зачуваното и со почит кон оние на кои ќе им биде наменето тоа. Без многу голема врева, во оваа време кога без тоа не се почнува и не се завршува денот, скромно, со ненаметливо барање достојно внимание за покојниците. А, тие го заслужија тоа беспоговорно. Театарската сцена, пак, во изминатата година ја обележаа премиерите на „Огнени јазици“ на двоецот Слободан Унковски и Горан Стефановски, одиграна во Драмски театар, и „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш и Дејан Пројковски со која се отвори новиот објект на Македонски народен театар во Скопје.

Зачуден што досега немало драма за браќата заслужни за словенската писменост, Стефановски пред неколку години почнал да ја истражува византиската историја, да собира материјали од проучувачи на делото на тие, како што рече, маченици на преводот, со кои почнала војната меѓу кирилицата и латиницата, меѓу Истокот и Западот.

– Отсекогаш знаев дека Кирил и Методиј го посветиле својот живот на преведување и на ширење на Светото писмо на словенски јазик, но полека почнав да сфаќам дека тие се големите светци и великомаченици на преводот воопшто. Целиот живот го посветиле во напори светот подобро да се разбере, а проблемите кои се обидувале да ги решат во 867 година се отворени и ден-денес. Не случајно тие се светци заштитници на Европа – рече Стефановски по повод премиерата.

Режисерот Унковски истакна дека претставата надвор од политиката говори за македонските состојби.

– Претставата е за Македонија денес, за идентитетот, за јазикот, за духовните состојби. Говорејќи за јазикот, за духот на нацијата, ние говориме за историјата, за браќата Кирил и Методиј – рече Унковски.

Kultura-2013-Otvaranje-na-Star-nov-dramski-teatar-21

Со драмскиот текст „Вечна куќа“ Плевнеш, дефинитивно, влезе во македонската театарска историја. Во претставата учествуваат околу 80 актери, голем број студенти на Факултетот за драмски уметности и на Факултетот ЕСРА, што значи еден сплет на генерации – актери кои се во пензија, кои се во своите најдобри години, млади актери и актери што треба да стапнат на нашата театарска сцена.

Kultura-2013-Plaosnik

Плаошник

Текстот на Јордан Плевнеш, „Вечната куќа“, кој се темели врз апстрактната, воедно и длабоко хумана идеја за куќата како идеален дом, наш македонски дом, е многу актуелен и ја обработува темата на постојаното афирмирање на сопствениот идентитет.

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 71. број на неделникот „Република“, 10.01.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top