Дејан Арсовски (36) лани беше најсреќниот меѓу 173 лица што запливаа во студените води на Вардар во Скопје на големиот празник Водици и го фати крстот што го фрли македонскиот поглавар г.г. Стефан. Арсовски лани учествуваше првпат и си ја исполни желбата, но имаше среќа и најмногу да се радува. Тој и годинава ќе заплива во Вардар.
- Отсекогаш сум сакал да учествувам за Водици, но некои околности не ми дозволуваа. Секогаш ме спречуваше нешто, работа, обврски… – го почнува разговорот Дејан.
Тој открива дека најголемиот поттик токму на 19 јануари 2013 година првпат да се одлучи да скокне по крстот бил неговиот двегодишен син.
- Моите другари редовно учествуваа, и тие ми беа инспирација. Но, најискрено, тоа го направив за мојот син Војдан, кој има именден на тој ден. Прашав претходно во црква и попот на шега ми кажа: „Ако го фатиш крстот, ќе му биде именден“ (се смее). Искрено, отсекогаш ми се допаѓал тој ритуал и сакам да учествувам додека имам сила. Навистина е убаво и ќе биде моја традиција – вели Дејан.
Вардар е студена река, а некогаш во јануари температурата знае да биде и под нулата. Но, за Арсовски студеното време и студената вода не се проблем. Навикнат е на студени води.
- Жена ми е од скопската населба Ѓорче Петров 2, делот што е накај Сарај. Тоа значи дека цело лето сум на Треска. Скопјани знаат дека Треска е постудена од Вардар во јануари. Таму цело лето се капам, не само да се испрскам, туку влегувам и пливам. И, најверојатно, телото веќе ми е отпорно на студено. Затоа немав проблем со студенилото на Водици. Кога беше ритуалот, јас цел ден бев по кратки ракави, речиси гол, а имаше луѓе на кои им беше ладно, се тресеа – објаснува Арсовски.
Покрај физичката подготвеност, Арсовски вели дека добро анализирал пред да се фрли во реката.
- Во 2012 година не учествував, само бев помошник, им ги чував работите на другарите. Така случајно видов дека попот колку и да го фрли крстот далеку, чудна работа, крстот едноставно не плови брзо. Иако изгледа дека реката е долга, брза и мислиш дека кога ќе го фрли крстот, ќе отплови до крај, јас претпоставував дека ќе биде многу блиску и, веројатно, ќе се врти во некој вител. Ме послужи и среќата, но навистина бев упорен, се внесов со сѐ живо и диво. Пливав, трчав, нуркав, сѐ правев! Кога веќе решив да учествувам, сакав да учествувам вистински, не сакав да стојам на страна, на кеј или да се качам на мостот и оттаму да им мавтам на луѓето. Си реков, ќе учествувам до крај и готово – вели Арсовски.
Дејан е бербер во берберницата на мајстор Брацо, кој е познат како берберот на премиерите. Задоволен е од својата работа и од својот живот, и не ни помислува да си замине од Македонија.
- Некој ќе помисли дека ако го фатиш крстот, мора да одиш во странство. Се зборува дека некои заминале во Австралија. Мене ми е супер тука, најважно е да сме живи и здрави. Синот расте, годинава прооди, мене ми е супер на работа, а и на жена ми ѝ е добро. Имаме убав и задоволен живот – вели Арсовски.
Тој не се оптоварува со мислата дали и оваа година тој ќе биде првиот што ќе стигне до крстот. Важно, ќе продолжи да се обидува.
- Ќе оставам на Господ бидејќи оваа година нему му се падна паричката на Бадник во нашето семејство. Крстот се фаќа еднаш, за мене барем тоа е така, и тоа е голем настан. Кој сака нека се обиде, ако го фати – секоја чест. Мене ми се исполни таа желба, така што тоа останува за поколенијата и традиција. Во иднина и син ми ќе види дека јас сум го фатил крстот на Водици – додава Дејан.
Тој го чува крстот на посебна резбана подлога, на која ја чува и Светата книга, а од годинава и бадниковата паричка. Вели дека иако не оди често во црква, тој е човек на кого верата му значи и посебно ја почитува.
- Ги почитувам луѓето и се дружам, никогаш не сум направил и помислил лошо затоа и имам таков занает – секој ден сум со разни луѓе, се дружам и ме ценат. Така е тоа, не значи дека ако направиш нешто лошо и одиш во црква, некој таму ќе ти помогне. Никој нема да ти помогне ако самиот не си помогнеш – ја завршува приказната Арсовски.
Подготви: Марина Костовска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 72. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.