| четврток, 6 декември 2018 |

Европската комисија го поздрави договорот за Изборниот законик

Ги поздравуваме преземените чекори за подобрување на Изборниот законик, договорени по многуте препораки од Венециската комисија и сите други организации, изјави денеска во име на Европската комисија портпаролот Петер Стано, откако вчера најголемите македонски партии од власта и опозицијата ги договорија изборните реформи, кои се на дневен ред на 82 – та собраниска седница.

Според портпаролот Стано, Комисијата е информирана за одржаните дискусии меѓу политичките партии во Македонија и постигнатиот договор.

– Овие амандмани сега ќе се дискутираат во Парламентот и како што знаете, изборните реформи беа важен дел и од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со ПЈР Македонија, но и важен елемент од политичкиот договор од 1 март минатата година – додаде Стано.

За тоа дали сега може да се очекува продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) меѓу официјален Брисел и Република Македонија, со оглед на тоа што усвојување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на Изборниот законик беа услов поставен од еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, неговиот гласноговорник со одговор:

– Овој договор што беше постигнат од страна на работните групи меѓу политичките партии, треба да биде дискутиран и усвоен во Парламентот. Но, тој беше еден од елементите што беа важни во рамки на Пристапниот дијалог, а комесарот беше јасен минатата недела кога кажа дека ХЛАД-от ќе продолжи како важен инструмент на ЕК за поддршка на реформскиот процес во ПЈР Македонија и предвидената континуирана определба на Владата да продолжи со имплементација на реформите, имплементација на мартовскиот договор и продолжување на подобрување на добрососедските односи – потенцира портпаролот Стано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top