Фени Индустри му го расипа дебито на својот поранешен тренер Емил Рајковиќ на клупата на Работнички и славеше среде Скопје со 78 -74 во дербито од премиерното коло во продолжението на домашниот кошаркарски шампионат.
Најтрофејниот наш клуб имаше предност од 7 разлика на полувремето (41-34), во еден момент Работнички водеше и со 13 поени, но немаше сили и концентрација да издржи докрај. Фени одигра одлично второ полувреме и заслужено ги освои бодовите.
Марко Симоновски и Дарко Соколов донесоа пресврт на мечот со удари за три поени. Двајцата репрезентативци имаа извонредно шутерско шоу и заедно погодија 7 тројки од 11 обиди. Симоновски беше најефикасен на мечот со 18 поени, Соколов прокнижи 17, а забележителна партија одигра и Американецот Кори Мекинтош со 16 поени.
Кај домашната екипа четворица кошаркари имаа двоцифрен учинок. Тројцата Американци Голдваер, Шарпер и Абукар искомбинираа вкупно 44 поени, а солиден беше и српскиот центар Јелесиевиќ со 14 поени.
Фени се проби на делба на втората позиција со Лирија и двете екипи имаат по 17 бода. Лидер по денешната победа над Струмица со 91-83 е Кожув со 18 бода. Пелистер го победи Вардар со 89-80 во премсетката на двете екипи од дното на табелата, што е прв успех на тимот од Битола. Вчера во дербито Лирија го победи Куманово нагости со 79-78.
Табела, 10.коло: Кожув 18 бода, Лирија и Фени по 17, Куманово 16, Струмица 15, Работнички 14, Вардар 12 и Пелистер 11.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


