Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го повикала медијаторот Метју Нимиц да информира за преговорите за името на Македонија, јави дописникот на МИА од Атина.
Оваа информација ја соопшти провладиниот грчки весник „Катимерини“, додавајќи дека состанокот на Комисијата, на кој би требало да присуствува и медијаторот, треба да се одржи во февруари.
Последнета рунда преговори за името се одржа во Њујорк во октомври минатата година. Нимиц тогаш, како и вообичаено, прво одвоено се сретна со амбасадорите Јолевски и Василакис, а потоа одржаа и заеднички состанок. Според грчките медиуми, тогаш на маса се уште беше априлскиот предлог „Горна Република Македонија“.
По средбите во Њујорк, Нимиц, на новинарско прашање дали Вашингтон и Москва можат да извршат притисок врз Атина и Скопје, ги повика сите, од секоја владина организација позитивно да влијаат со цел процесот на преговори да успее.
– Секогаш ги охрабрувам сите кои можат да имаат позитивно влијание врз ова прашање да го направат тоа. Овие преговори се во рамките на ОН и се утврдени со Советот за безбедност и Привремената спогодба. Но тоа не значи дека други не можат позитивно да придонесат. Затоа ги повикувам сите, од секоја владина организација, позитивно да влијаат со цел процесот да успее, ја пренесоа тогаш грчките медиуми изјавата на Нимиц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.