ЕУ и САД ја охрабруваат опозицијата да се врати во Собранието, а Владата да ги преземе сите чекори за повторно воспоставување на политичкиот дијалог.
– Во една парламентарна демократија Парламентот е клучниот форум за покренување и решавање на сите прашања, како и за дебатирање. Со таа цел, ја охрабруваме опозицијата да се врати во Собранието за да ги претставува големиот број граѓани кои гласаа за неа на последните парламентарни избори, стои во заедничката изјава на шефовите на мисиите на Европската унија и САД во Македонија.
Според нив, на секоја демократија и треба силна и активна опозиција.
– Истовремено, ја охрабруваме владата да создаде услови за ефикасно и транспарентно делување во Парламентот. Важно е сите партии да ја почитуваат оваа институција, нејзините процедури и демократските вредности врз кои е заснована. Веруваме дека ова ќе биде во интерес на сите политички партии, како и во интерес на земјата со оглед на клучната важност која ја имаат ЕУ и НАТО интеграцијата за иднината на сите нејзини граѓани, без оглед на нивната политичка определба, посочуваат од ЕУ и САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



