| четврток, 6 декември 2018 |

Атина признава дека не сака директен дијалог со македонските власти за името

Цела една генерација во Македонија е отруена со горчливи чувства против Грција, која е брендирана како виновник за сите зла со кои нивната земја се соочува, изјавил портпаролот на грчкото МНР Константинос Кутрас за Си-Ен-Ен како одговор на интервјуто на премиерот Груевски.

– Ако Скопје покажеше еднаков степен на посветеност, прашањето за името ќе се решеше – додал тој.

Според Кутрас, како што јави дописникот на МИА од Атина, голем број претходници на Самарас се сретнале со македонскиот премиер, но тоа биле само „можности за фотографирање и фасада“. Со оваа изјава, тој само потврди дека Грција покажува интерес само пред вклучени камери, и оти грчките власти немаат никаква намера да започнат директер дијалог.

Во исто време и Курт Волкер, поранешниот американски постојан претставник во НАТО, за Си-Ен-Ен изјавил дека е можна промена на името, но целосно отстранување на терминот „Македонија“ не е предмет на дискусија.

– Сметам дека Македонците дотуркаа далеку и мислам дека тие се подготвени да направат договор за модифицирано име на земјата со цел тоа да биде признаено во меѓународните организации – рекол Волкер.

Сепак, тој додал дека „тоа не оди толку далеку како што инсистираат Грците“.

– Грците сакаат да променат се, вклучително и Македонците да го сменат нивниот Устав. Тоа е само пуста желба, тоа никогаш нема да се случи – истакнал американскиот дипломат.

Премиерот Груевски во интервјуто за Си-Ен-Ен повтори дека грчката Влада не е подготвена за преговори за прашањето за името и истите ги избегнува. Тој информира дека лично се обидел да стапи во контакт со премиерот на Грција со цел директни преговори, но тој неколкупати ги одби средбите. Истакнувајќи дека сите вакви проблеми во минатото биле решени преку дијалог, Груевски рече дека негово избегнување нема да даде позитивни резултати.

Тој уште еднаш подвлече дека пред неколку години, Македонија беше во судот во Хаг и оти Судот одлучи дека Македонија е во право, а Грција не.

– Значи, меѓународното право е на наша страна. Верувам дека доколку Грција го почитува меѓународното право, може да започнеме со преговорите со ЕУ и да се приклучиме кон НАТО – нагласи премиерот Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top