| четврток, 6 декември 2018 |

Борис Бунев: Кажете им на министрите да им е… мајката

boris bunev

„Господине директор, не во 11 часот, туку сега земете го телефонот и соопштете им на министрите, да им ја е… мајката, зашто ни советуваат да објавуваме автономијата на Македонија. Ние тоа нема да го направиме.“ Ова бил одговорот што Борис Бунев, братот на Мара Бунева, му го дал на својот обласен директор поставен од бугарските окупациски власти во Скопје, неколку дена пред нивното повлекување од Македонија, објавува Дневник.

Бунев реагирал на барањето од тогашната бугарска влада до обласниот директор кај видни граѓани во Скопје да ја иницира идејата за создавање автономна Македонија. Барањето на софиските колаборационисти со германските нацисти било тие видни граѓани да создадат „привремена македонска влада“ под покровителство на германската воена команда и германскиот конзул во Скопје, а која требало да ја објави автономијата на Македонија.

Бунев, меѓутоа, на ова категорично се спротивставил, а овој навод е сочуван во неговото писмо до македонскиот министер за внатрешни работи во новосоздадената Демократска федерална Македонија, како дел од новата Југославија, настаната по победата на југословенското комунистичкото движење.

Во писмото, Бунев, кој по завршувањето на војната живеел во Софија, каде што се преселил од Скопје, и со кое бара враќање на својата покуќнина од домот во кој живеел, открива многу детали за своите видувања на тогашните случувања. Меѓу двете војни Борис бил член на михајловистичкото ВМРО, а во 1941 година доаѓа во Скопје, каде што живеел до 1944 година. Писмото од македонскиот министер било испратено на 15 октомври 1945 година преку амбасадата на ДФ Југославија во Софија. Ова сведоштво за братот на Мара Бунева, контроверзната личност од македонската историја, е во Архивот на Србија, и е своевиден запис за неговите размислувања за односите меѓу Македонците и Бугарите. Инаку, од спомените на Ванчо Михајлов се дознава дека и тој ја одбил идејата за создавање „автономна Македонија под германско покровителство“. Во писмото Бунев истакнува дека побарал видните граѓани воопшто да не разговараат за таквата идеја.

– Господине директоре, Вие… не водите сметка дека меѓу нас нема претставници на тие што имаат право да зборуваат, тие што се по планините. Вие ли сте врската со нив, со тие што утре ќе влезат со оружје в рака во градот? Тие со право ќе кажат: „Kои сте вие да основате привремена влада на автономна Македонија без да нѐ прашате?“. Вие ли, кои цели три години танцувавте во воениот клуб, вие ли имате право на такво нешто без да сте ополномоштени од нас, кои во тоа време бевме во планината и водевме борба со бугарските и германските власти?… Затоа, господа, предлагам понатаму да не се дебатира за ова прашање – рекол Бунев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top