Кабинетот на британскиот премиер Дејвид Камерон ги отфрли обвинувањата на министерот без ресор Кенет Кларк, дека во Даунинг стрит 10 води „погрешна политика“ кон имиграцијата од ЕУ.
Портпаролот на британскиот премиер изјави попладнево дека Кларк „не е во право“ и дека Велика Британија е изложена на голем наплив на странски имигранти од земјите на ЕУ.
До 2010 година, цела една деценија, имиграциската политика во земјата беше без контрола, затоа што претходната влада не се определи за спроведување на контрола на приливот на странци за време на транзицијата, истакна портпаролот во Даунинг стрит 10, мислејќи на големиот прилив на имигранти од земјите на Источна Европа по проширувањето на ЕУ со осум земји од тој дел на континентот.
Министерот Кларк предизвика гневна реакција меѓу министрите во Владата, особено оние од Конзервативната партија, откако во интервју за „Фајненшл Тајмс“ изјави дека придонесот на имигрантите за британската економија е поголем од штетата што тие, наводно, ја прават.
Според Кларк, европските имигранти не се проблем за Велика Британија, ниту дека ЕУ има удел во британските имигрантски проблеми.
– Слободното движење на луѓе и на работници низ ЕУ е добра работа и потребно за придвижувањето на пазарната економија, рече Кларк.
Тој посебно ги налути ториевците, инсистирајќи дека дебатата за штетноста од европските имигранти и за ограничување на нивниот влез во земјата е „типично десничарско и националистичко бегство од реалноста“.
Кенет Кларк е ветеран во британската политика и во Конзервативната партија. Претходно беше министер за правда во првата влада на Камерон, а пред тоа министер во владите на Маргарет Тачер и на Џон Мејџор. Во својата партија важи за противник на евроскептицизмот на конзервативците и му припаѓа на левото крило од партијата.
Кларк се противи на дистанцирањето на Велика Британија од ЕУ и на евентуалното напуштање на Унијата. Неговата сегашна остра критика врз Владата на која и самиот и припаѓа е реакција на решението на коалицискиот партнер, либералдемократите и на опозициските лабуристи да го прифатат владиниот план за воведување ограничувања за имигрантите од ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.