Распослано на јужните падини на Водно, источно од реката Треска, во непосредна близина на Скопје, а сепак далеку од градската врева, меѓу Света Петка, Солње, Барово, Осинчани и Чифлик, извира, како што многумина го нарекуваат, центарот на европската цивилизација, кроткото и тивко Говрлево. Селото богато со историја и со мистерии е речиси напуштено уште во минатиот век, а само три преостанати огништа му пркосат на забот на времето и на немилосрдното острило на цивилизацијата и сведочат за некои поинакви случувања.
Чудесниот лековит извор во црквата „Светите Кузман и Дамјан“, изворот за подмладување, комплексот манастири и начинот на кој се возобновени на земниот свет, како и светски признатата археолошка реткост Адам од Македонија, непознатото писмо слично на глаголицата, кое сѐ уште не е дешифрирано и приказната за излекувањето на римскиот император Јустинијан Први, се познатиот дел од богатата ризница мистерии чувани од ова мирно скопско село.
За многумина, Говрлево е расадник на мистерии и на чуда и најголем познат извор на лековити води во земјава.
Легендата за италијанската принцеза Гордилијана и за манастирите во Говрлево
Легендата за ќерката на италијанскиот цар Гордилијан, Гордилијана, се случува пред околу 600 години. Според кажувањата, таа била нападната од некоја чудна болест и жива се фрлала во оган и во вода. Царот ги собрал сите познати лекари во тоа време, но никој не можел да и го најде лекот. Разочаран и немоќен, му се помолил на Господ, кој преку гласот на ќерка му му порачал дека може да ја исечи само свети Трифун.
Легендата натаму вели дека Гордилијан преку своите гласници го пронашол свети Трифун дури во Мала Азија. Откако светецот му ја излекувал ќерката, на пат кон дома поминал и низ Македонија. Во моментот кога бил на местото викано Брзовец, според легендата, Господ му наредил да направи божји храмови на свети Трифун, свети Троица, светите Петар и Павле, а подоцна и на света Марина. Заедно со нив бил изграден и конак, а и манастирите и конакот со текот на времето биле урнати. Од нив останале само темелите, закопани длабоко под земјата.
Сѐ до пред речиси еден век, кога, според други кажувања во Говрлево, Господ го избрал ламаринарот Борис од Кумановско и му наредил повторно да ги изгради загубените верски храмови.
На сон му рекол: оди на ридот, јас со јаже ќе мерам, ти ќе копаш и пак ќе ги изградиш храмовите. Селаните од Долно Солње раскажуваат дека оваа приказна е вистинита и дека извесно време пред тој да почине, манастирите ги посетувало неговото семејство.
Тие велат и дека многу верници ги посетуваат храмовите со надеж дека ќе најдат спас за своите маки.
– Дојдовме да му се помолиме на Господ за здравје на нашето семејство. Да се напиеме од лековитите води и да го почувствуваме мирот што го крие во себе ова свето парче земја. Ќе си понесеме од лековитите води со нас. Сопругот е родум од селото Солње и ја користиме секоја пригода кога сме во Македонија да појдеме во Говрлево, кое, за жал, одамна не е тоа што беше – раскажува Добринка Божиновска, која повеќе од четириесет години живее во Австралија.
Во манастирите „Свети Трифун“ и „Светите Петар и Павле“ има духовни гробови, а крај нив се поставени душеци на кои верниците преспиваат. Лежат покрај духовните гробови и се молат за помош. Селаните од селата околу Говрлево раскажуваат за многу случаи во кои луѓе со мака заминувале среќни и насмеани. За излекувани мистериозни кожни болести, респираторни проблеми, проблеми со плодност, со вид и слично.
– Сѐ уште се прераскажува приказната за двете жени, кои по тринаесет години дочекаа пород. Едната од нив раскажуваше дека некој глас ѝ рекол да дојде во манастирот и цели четириесет деноноќија да пали кандило. Да донесе и лулка и сѐ што е потребно за бебе и да ги остави да стојат во манастирот – раскажуваат селаните.
Манастирот „Свети Трифун“ е сместен на простран рид со прекрасен видик на целата околина зад Водно. Во црковниот двор, покрај централниот, се изградени и повеќе мали верски храмови во име на света Троица, светите Петар и Павле, света Недела, света Петка и на света Марина.
Лековита вода во „Светите Кузман и Дамјан“
Во подножјето на ридот со манастирскиот комплекс, под археолошкиот локалитет Говрлево, во близина на Долно Солње, се наоѓа црквичката „Светите Кузман и Дамјан“, која е позната меѓу верниците по лековитата вода што извира во нејзиниот олтарен дел.
Изградена во поново време, 1936 година, на место на кое извирала вода, оваа црква е дел од пресното сеќавање на жителите на околните села.
– По многу различни неволји и несреќи што се случувале поради користењето на водата од лековитиот извор за непотребни цели, на еден од селаните му се сони дека таа е лековита и дека на местото треба да подигне храм на светите Кузман и Дамјан, во православниот свет познати и како лекари, кои никој не можел да ги купи, викани светите бессребреници. Низ годините, црквичката е целосно реновирана и денес има преубав изглед. Преполна е за време на викендите и на верските празници. Верниците ја користат водата за проблеми со видот и со колената и многумина од нив чудотворно биле излекувани – објаснуваат локалните жители од селата околу Говрлево.
Изворот со водата за која многумина веруваат дека е лековита се наоѓа во црквата. Ограден во форма на крст, тој е лоциран точно во олтарот на православниот храм посветен на светите Кузман и Дамјан, под фреска со мотиви на кои се прикажани верници пред чудотворната вода.
Една друга легенда за оваа црква, пак, вели дека славниот римски император роден во околината на Скопје, Јустинијан Први, во неа пронашол лек за својата болест.
Вода за подмладување
На само неколку метри од нетипичниот храм со лековита вода во олтарот, се наоѓа уште една чешма, според многумина, со чудотворна моќ. Се верува дека водата за подмладување, како што ја нарекуваат, благотворно помага при ослабен имунитет и дека сите што пиеле од неа починале од старост, а не од болест.
– Се слушаат и раскажуваат различни приказни и судбини. Во манастирскиот комплекс постојано доаѓаат луѓе за да се помолат за здравје и за да ги користат водите за кои веруваат дека се лековити. Некои се фалат дека си го вратиле или подобриле видот, а истата вода од стариот кладенец во црквата „Светите Кузман и Дамјан“ на многумина им ги излекувала болните колена и нозе. За водата за подмладување, пак, се прераскажува дека не само што го подобрува имунитетот туку помага и за апетит – објаснуваат Перо Китановски од Долно Солње и Трајче Божиновски од Мелбурн, роден во Говрлево.
Мистика се чувствува на секој агол од славното Говрлево. Од манастирот „Свети Илија“ над селото, преку напуштените трошни куќи, до археолошкиот локалитет во кој е пронајден Адам од Македонија за кој научниците велат дека е единствена археолошка реткост во светот, кој спаѓа меѓу десетте најзначајни светски археолошки наоди и претставува споменик на човештвото и на европската цивилизација.
Зимата, која е на портите, ќе донесе уште поинтересни вибрации во селото, кое зрачи со позитивни вибрации. Иако речиси напуштено, Говрлево со ширум отворени порти ги пречекува сите добронамерници, кои во потрагата за лек за некоја мака го враќаат и некогашниот дух на селото.
– Останати се само три куќи, а некогаш беа осумдесет. Сите заминаа в град за подобар живот. Некогаш имавме повеќе од осумстотини жители. Денес, најмногу го посетуваат православните верници што чуле за чудотворните места во селото. И, добредојдени се – порачува осумдесет и осумгодишниот Тоде Велковски, жител на скопско Говрлево.
(Текст објавен во 9. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Манастирот во Калишта исцелува од болести и ги дарува оние кои не можат да имаат деца
-
Oдбележување на празникот Успение на Пресвета Богородица во манастирот во Матка
-
На 7 август бидете овде: Манастирот Света Ана има чудотворна моќ да дава пород
-
Пален и обновуван, овој манастир прави чуда: Немавме деца, отидовме и се случи чудо