Триесетдневен притвор добија лицата А.С.(40) од Мала Речица и И.С.(33) од Долно Палчиште откако полицијата кај нив пронашла повеќе од 10 килограми марихуана, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Според него, полицијата вчераутро околу 3 часот на улица „Љуботенска“ во Тетово запрела патничко возило „лада нива“, сопственост и управувано од И.С (33) од Долно Палчиште, а во кое се наоѓал и 40-годишниот А.С(40) од Мала Речица. При преглед на возилото во неговиот багажник се пронајдени две најлонски пакувања со непозната зелена тревкаста материја, најверојатно марихуана, обвиткани со селотејп лента.
Двајцата од возилото се приведени и задржани во СВР Тетово.
– Нешто подоцна со соодветна судска наредба и во непосредна координација со јавен обвинител, извршен е претрес во објект во Долна Лешница кој го користел А.С при што во подрумската просторија на објектот се пронајдени уште осум најлонски пакувања со тревкаста материја, како и една дигитална вага. Пронајдената тревкаста материја со вкупна тежина од 10 килограми и 374 грама е одземена и ќе се вештачи, додека двете лица со кривична пријава се изведени пред судија во претходна постапка, кој им определил мерка притвор во траење од 30 дена – изјави Јосифовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.