| четврток, 6 декември 2018 |

Уште двајца пратеници на Златна зора во притвор

Прекршочниот суд во Атина синоќа им одреди мерка притвор на двајца од тројцата пратеници на грчката неонацистичка партија Златна зора, кои вчера беа изведени пред овој трибунал, под обвинение за „раководење со криминална организација“.

Судот реши да бидат притворени пратениците Јоргос Германис и Панајотис Илиопулос, додека околу евнтуалното одредување притвор за третообвинетиот Статис Букурас судиите ќе решаваат денеска.

Како што јави агенцијата АНА-МПА, според сведоци во судскиот процес, обвинетите учествувале во регрутирање на нови членови на партијата, која властите ја сметаат за криминална група, и во нивно обучување за напади врз имигранти.

Како реакција на овој судски процес, портпаролот на Златна зора, Илијас Касидијарис изјави дека додека им се суди на членови на нивната партија, „терористите се шетаат слободно“.

– Ниту еден член на Парламентот или министер не е повикан на сослушување поради скандал или корупција. Единствено незаконски се сослушуваат и приведуваат пратениците на Златна зора – потенцира Касидијарис.

Досега против девет од вкупно 18-те пратенци на Златна зора во грчкиот Парламент се покренати обвиненија за „членување во криминална организација“, меѓу кои двајца се во притвор до судењето. Меѓу обвинетите е и партискиот лидер Никос Михалолијакос.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top