| четврток, 6 декември 2018 |

Се зголемува бројот на заболени деца од овчи сипаници

Расте бројот на заболени деца од варичела односно овчи сипаници. Од Инстиутот за јавно здравје велат дека на ниво на цела Македонија последните два месеци се повеќе деца заболуваат од варичела. Само во месец декември се заразиле 1.310 лица, додека во ноември имало заразено околу 1.000. Епидемиолозите очекуваат бројот во наредните зимски месеци да се зголемува. Заболувањето е најраспострането во поголемите градови како Скопје,Куманово и Битола, објави „Алсат“.

– Во Скопје во последните два месеци започна пораст на бројот на заболени, најчесто заболуваат дечињата од детските градинки. Имаме податоци и од Центарот за јавно здравје на Скопје во кои се вели дека голем број детски градинки и училишта се зафатени со варичелата. Имаме голем број заболени дечиња, бројот на заболени на ниво на Скопје за месец декември е околу 450, што во однос на предходниот месец има зголемување за 30 отсто – рече Гордана Кузмановска, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.

Варичелата се јавува најчесто во зимските месеци и најмногу се шири до почетокот на пролетта. Епидемија од варичела, засега, е прогласена само во Пробиштип, каде има 120 заболени лица од октомври па наваму.

Во пораст е и бројот на лица од целата држава кои помош за лекување на варичела побарале на Инфективната клиника. Во декември 2013 двојно поголем број пациенти побарале помош во однос на 2012.

– Во месец декември изминатата година амбулантски на Клиниката за инфективни болести се прегледани 40 пациенти со клиничка слика на варичела, односно овчи сипаници, од кои 13 пациенти се задржани на болничко лекување поради комликации, воглавно со воспаление на белодробјето, пациенти со церебелит, инаку минатата година во истиот период се прегледани 20 пациенти од кои што 6 се хоспитализирани поради комликации, така да се бележи зголемување на бројот на пациентите, вели Сања Петрушевска Маринковиќ, доктор на Инфективна клиника.

Со оглед на тоа што епидемиолозите очекуваат бројот на заболени да расте, се препорачува родителите да внимаваат на своите деца и оние кои веќе се заразени да не се мешаат со здрави за да не се шири заболувањето, исто така се препорачува да се седи дома, да не се излегува на ниски температури и да се внесуваат витамини со цел да се зголеми имунитетот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top