| четврток, 6 декември 2018 |

Вигенин се сретна со раководството на СДСМ

Партиска делегација на СДСМ, предводена од лидерот Зоран Заев, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Бугарија, Кристијан Вигенин, кој е во посета на Скопје.
zaev_vigenin

„Реформи, дијалог и определеност кон подобрување на добрососедските односи се клучни за Република Македонија и напредок во интегративниот процес. Оваа порака ја пренесе министерот за надворешни работи на Република Бугарија Вигенин до претседателот на СДСМ Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Партијата истакнува дека соговорниците се согласиле оти Мкедонија и Бугарија мора да соработуваат за да се продлабочат односите и да се прати позитивен сигнал кон сите. Напредокот на Македонија кон ЕУ била една од темите на средбата, каде било акцентирано дека не постои друга алтернатива освен членството во ЕУ и дека тоа е иднина која треба да се обезбеди за сегашните и идните генерации.

„Заеднички беше акцентирано значењето на политичкиот дијалог со надеж дека истиот ќе продолжи околу клучните прашања кои се во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани. Претседателот Заев ја нагласи улогата на СДСМ во деблокирањето на политичкиот дијалог, расветлувањето на настаните од 24 Декември, и додаде дека Социјалдемократскиот сојуз и понатаму ќе биде посветен на прашањата кои се важни за нашата земја со цел Република Македонија да се движи напред“, соопшти СДСМ.

Заев изразил надеж дека Бугарија ќе ја даде поддршката за евроинтегративниот процес на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top