Мнозинството македонски граѓани очекуваат Бугарија да ја поддржи Македонија во натамошните интеграции во Европската унија, покажува истражувањето „Глобално водство, соседство и односи со Бугарија“ што го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС).
Испитувањето на јавното мислење е направено преку теренска анкета во периодот од 15 ноември до 1 декември минатата година на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.
Во истражувањето кое треба да послужи за информирана јавна дебата за предизвиците на Македонија во натамошните евроатлантски интеграции, 87,5 отсто од анкетираните Македонци очекуваат Бугарија да ја поддржи земјава во евроинтеграциите.
Најголема пречка за поинтензивна соработка меѓу Македонија и Бугарија граѓаните сметаат дека е историјата – 30 отсто, а речиси 21 процент нејзиното толкување, додека 12 отсто сметаат дека тоа се политичарите во двете земји поради нивни теснопартиски интереси.
За мнозинството граѓани или 87,5 проценти е важно да се подобрат односите и соработката меѓу Македонија и Бугарија, за што сметаат дека е потребна соработка во културата, забавата и спортот, подобрување на инфраструктурата и граничните премини и пристап до медиумите на двете држави, заеднички учебници по историја, прослава на заеднички настани и херои, а речиси секој петти граѓанин не знае или е без одговор.
Испитаниците немаат перцепција за заеднички историски личности.
– Граѓаните ги сметаат како македонски повеќето личности за кои Бугарија исто така смета дека се дел од нивното историско наследство, како светитеКирил и Методиј, за кои 83,3 проценти сметаат дека се македонски, свети Климент (87,1), Гоце Делчев (88), Јане Сандански (81,6), јавните и информирани личности како заеднички ги перципираат светите Кирил и Методиј (73) и цар Самоул (47). Големо мнозинство (74,7) граѓани поддржува реципрочно решавање со договорот за добрососедство на прашањето за соодветните малцинства во Македонија и во Бугарија, покажува истражувањето.
Постигнувањето договор за добрососедство е од голема важност за граѓаните на Македонија за што се изјасниле 85,4 отсто од анкетираните. Посакуваат договор да се постигне брзо, односно за една годна, но очекуваат дека тоа ќе се случи на среден рок од две до пет години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.