| четврток, 6 декември 2018 |

Мукаетов: За добрите дела секогаш добро се зборува

Кога една македонска компанија станува успешна приказна доаѓа ред делови од таа приказна да се раскажуваат и надвор. Со стабилен бизнис дома, нагонот за излегување надвор од границите доаѓа сам

Тој е еден од тие Македонци, кои редовно се на листата на успешни бизнисмени од земјава. Стабилен, одмерен, оригинален – тоа е Живко Мукаетов, првиот човек на „Алкалоид“ и претседател на Управниот одбор на компанијата. Својата кариерата во „Алкалоид“ ја почнал на 25-годишна возраст. Денеска вели тоа бил старт под притисок. Одејќи скалило по скалило, на главната извршна функција доаѓа на 32 години, кога вкупната продажба на „Алкалоид“ изнесувала малку повеќе од 57 милиони евра. Веќе седма година е на чело на компанијата, а годинава најголемата македонска фармацевтска компанија ќе ја заврши со вкупна продажба од 115 милиони евра. Во изминативе 13 години биле вложени повеќе од 100 милиони евра во производствени капацитети, технологии, кадар и знаење, што е главната причина што производите на „Алкалоид“ им парираат на светските марки.

 

На што се должи позитивниот имиџ на „Алкалоид“ во јавноста? Лично не се сеќавам на ниту една афера поврзана со компанијата. Сигурен сум дека најголем дел од граѓаните воопшто не помислуваат на „Алкалоид“ кога се споменуваат таканаречената олигархија или транзицијата во негативен контекст. Како успеавте на „Алкалоид“ да се гледа како на македонска гордост?
Мукаетов: Позитивниот имиџ во работењето на „Алкалоид“,пред сè, се должи на квалитетот на производите, на квалитетот на кадрите што работат во компанијата, на брендот „Алкалоид“ и на поединечните брендови што ги имаме, со години градени од генерации Македонци. Компанијата, која е шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа, има 17 канцеларии и еден производствен капацитет надвор од Македонија, преку кои пласира повеќе од 60 проценти од своето производство во преку 30 земји во светот. Континуираниот деловен успех и одржлив развој на компанијата е директен резултат на придонесот на целиот тим вработени, кои тежнеат кон постојано подобрување и кои неуморно ги промовираат вредностите на компанијата, нејзиниот интегритет и професионален пристап. Поради тоа, еден од врвните приоритети на „Алкалоид“ се инвестициите во кадрите, нивна соодветна обука и доедукација со цел подобрување на деловните процеси, управување на постојаните промени и на динамиката на работата, технолошкиот напредок, мотивацијата, личниот прогрес, напредување во кариерата итн.

Во текот на целото работење, максимално сме посветени на исполнување на предвидените цели и сме доследни на нашата корпоративна визија и мисија, а притоа секогаш водиме сметка апсолутно да се почитуваат сите важечките закони, нормативи и прописи во сите земји во кои функционираме, па веројатно тоа е причината поради која немало споменување на „Алкалоид“ во каква било негативна конотација.

Важите за фирма што води голема грижа за своите вработени.
Мукаетов: Грижата за вработените и придонесот кој како компанија можеме да го дадеме на полето на општествена одговорност се наш врвен приоритет. Дури и во услови на криза, ние останавме доследни на овие принципи придонесувајќи толку колку што можеме во напредокот на заедницата во која функционираме, било да се тоа проекти од областа на здравството, културата, спортот, науката, уметноста, потребите на младите… Едноставно, стоиме и ќе застанеме зад сè што е најдобро од Македонија. И како што се вели, за добрите дела, секогаш добро се зборува.

Zivko-Mukaetov-2

Вие сте еден од малкуте јавни личности за кој малкумина ќе најдат мана. На што се должи фактот што имате почит од најголем број на граѓаните и тоа во услови кога во Македонија секој за секого ќе најде забелешка, кога суетите се преголеми, кога позитивното, навистина, има голем проблем да го победи негативното?
Мукаетов: Суетноста и возгордеаноста за мене се апсолутна непозната и себеси се сметам за многу едноставен и обичен човек. Никогаш не сум се занимавал со забелешки во однос на другите ниту, пак, ме интересирале „озборувањата“ за мене. Но ако велите дека уживам почит од најголем број од граѓаните, ви благодарам, навистина е задоволство и ќе се потрудам да останам таков каков што сум.

На што се должи таквиот менталитет, секогаш да се нагласи црното пред белото: на историските услови во кои живееме, на историјата во која сме се граделе и израснале како нација и држава или, можеби, модерните текови нѐ прават такви?
Мукаетов: Јас сум деловен човек што работите ги гледа од позитивната, односно „белата“ страна. Како раководител на компанија што повеќе од една деценија одлично функционира на пазарите на три континенти, ретки биле ситуациите кога сум имал проблем со тоа што доаѓам од земја во развој, која не е член на евро-атлантските структури. Факт е дека таму каде што не ве знаат, ви треба простор за да изградите кредибилитет, но со тек на време квалитетното работење излегува на површина. Во принцип, бизнисот се води според модерните текови и, во секој случај, не треба да се нагласува „црното“, но добро е да бидете внимателни и реални во предвидувањата.

Неодамна ја добивте престижната награда „Хуманист на годината“ – една од многуте на ова поле. Луѓето што ги следат трендовите во оваа сфера во донаторството и воопшто во хуманиот активизам велат дека сте стопанственик, кој со поддршка на „Алкалоид“ им помогнал на убедливо најмногу македонски граѓани. На што се должи Вашата посветеност да им се помага на луѓе во неволја?
Мукаетов: Годинава јас добив две награди, кои ми се особено драги. Една е државната награда „Мајка Тереза“ за остварувања во областа на хуманоста и на човечката солидарност, а другата е Златен медал од Црвениот крст на Република Македонија како признание во знак на поддршка на социјалните програми на оваа организација, кои се насочени кон помагање на најранливата категорија граѓани.

Морам да истакнам дека овие високи признанија ми претставуваат чест, задоволство, но и поттик за натамошни активности, кои би биле во знакот на вредностите што особено се ценат кај луѓето, а тоа се хуманоста, човечката солидарност и меѓусебното разбирање. Тоа се вредности во кои јас сум бил воспитуван и кои се трудам да им ги пренесам на моите деца уште од нивната најрана возраст. Паричниот надомест што ми следуваше како добитник на државната награда „Мајка Тереза“ го донирав во Заводот за рехабилитација на деца и младинци „Св. Климент Охридски“од Скопје.

Zivko-Mukaetov-3Овие две престижни признанија за мене се мотив повеќе и понатаму да продолжам со хуманата мисија – јас како индивидуа, но и моето семејство и компанијата што ја водам. Помагањето на луѓето на кои им е потребна помош нема да осиромаши никого. Ќе нѐ направи побогати за едно убаво искуство, а тоа е сознанието дека сте направиле добро дело.

Помагате и во спортот, во Ракометната федерација, каде што сте прв човек, за првпат по Вашиот избор престанаа аферите, нема веќе божемни тепачки во репрезентацијата, Кирил Лазаров не мора да излегува и да апелира за подобри услови за националниот тим, нема шпекулации за местени натпревари, за продавање карти за настап на репрезентацијата , за малверзации. Ги пренесовте ли деловните правила и во РФМ или формулата за функционирањето на репрезентацијата и на ракоментите лиги е поинаква?
Мукаетов: Секој почеток е тежок и секоја промена тешко се прифаќа. Но, со чесен и искрен пристап се доаѓа до посакуваните резултати. Главната цел на РФМ како национална федерација е да го развива овој спорт на државно ниво. Од моето стапување на оваа одговорна функција со мојот тим се заложивме заеднички да ги поставиме цврстите темели за подобра иднина и за многу подобри резултати на овој спорт во Македонија. Функционираме максимално посветено, со кадар што е фокусиран на генерално подобрување на состојбата со ракометот, што на долг рок треба да ги донесе посакуваните резултати.

Изминативе девет месеци од мандатот на новото раководство беа посветени на систематизација и на обезбедување на сите неопходни предуслови за непречено функционирање на овој спорт, со оптималните ресурси што ни се на располагање. Тоа што јас го барам, каков што е случајот и со работењето во „Алкалоид“, е дисциплина и напорна работа, пред сѐ, и јас не би знаел ниту, пак, би можел да функционирам поинаку.

Едно е да си дел од публиката и да уживаш во играта, но од другата страна е многу потешко бидејќи треба да се состават сите коцки таму каде што им е местото. Но, на крај на денот, целта на сите засегнати страни е иста: развој на ракометот и што подобри резултати. Јас на оваа позиција дојдов во еден ни малку поволен момент за нашата репрезентација, се соочивме со многу предизвици и вложивме максимални напори за овој спорт да функционира светски, токму каков што е и неговиот потенцијал.

Грижата за вработените и придонесот кој како компанија можеме да го дадеме на полето на општествена одговорност се наш врвен приоритет. Дури и во услови на криза, ние останавме доследни на овие принципи придонесувајќи толку колку што можеме во напредокот на заедницата во која функционираме, било да се тоа проекти од областа на здравството, културата, спортот, науката, уметноста, потребите на младите… Едноставно, стоиме и ќе застанеме зад сè што е најдобро од Македонија.

Претпоставувам, во бизнисот нема емоции, битката за стабилизирање на компанијата не дозволува застанување за ниту еден момент. Што е тоа што го преземате како прв човек во „Алкалоид“ за да се следат светските текови во Вашата бранша. Сепак, се работи за област во која само за истражување на годишно ниво во светот од конкуренцијата се трошат десетици милијарди евра или долари, сеедно?
Мукаетов: Фармацијата е една од најдинамичните дејности. Не смее да запрете со инвестициите и со следењето на трендовите. Доколку затаите во некој од овие сегменти, тоа може да се одрази на конкурентноста. Истражувањето и развојот на производите, секако, играат огромна улога во целиот мозаик, било да се истражувања на нови молекули или истражувања што се вршат на генерички лекови по истекот на патентната заштита. Сите лекови се предмет на скапи, долги и ризични истражувања пред нивното пуштање во промет, постапка што трае околу 12 години. Според некои податоци, во 2010 година во Европа се потрошени 27.800 милиони евра за истражување и за развој, а на глобално ниво, трошоците за лекови се 17 проценти во однос на целите здравствени трошоци на пациентите (остатокот отпаѓа на болнички трошоци и на хоспитална нега).

Процесот на истражување и на развој на молекули е круцијален во фармацијата. Со цел да се засили овој сегмент на компанијата, во 2009 година „Алкалоид“ го стави во функција Институтот за развој и за контрола на квалитет, инвестиција повредна од девет милиони евра. На годишно ниво, компанијата инвестира три проценти од вкупните приходи во научно-истражувачки дејности. Ваквиот тренд беше зачуван и во изминативе години на светската економска криза. Менаџментот на „Алкалоид“, дефинитивно, има визија и слух кога станува збор за осовременување на процесите.

Во Институтот за развој работат 70 обучени високоспецијализирани извршители, кои постојано се надградуваат на полето на научноистражувачката дејност преку разни обуки и доедукации надвор од Македонија.

Проблемот со малиот пазар во Македонија го надминавте со проширување на странски пазари. На пример, супербрендот „кафетин“ е прифатен како еден од најпрепознатливите лекови на дваесетина пазари. Како функционира битката за странските пазари, особено кога се работи за ривалство со моќни светски концерни од типот на „Баер“, „Роше“, „Новартис“, „Глаксо Смит Клајн“. Како на странските пазари се поставува една, во светски услови, мала компанија, која нема поддршка од моќна земја каква што имаат другите компании?
Мукаетов: Фактот дека Македонија е земја со два милиона жители е олеснителен и од аспект на видливост на една компанија, каде што имате можност секој поединец да слушне за вашиот производ во реална единица време. Кога веќе ги имаме овие адути, кога една македонска компанија станува успешна приказна, доаѓа ред делови од таа приказна да се раскажуваат и надвор. Со стабилен бизнис дома, нагонот за излегување надвор од границите доаѓа сам.

„Алкалоид“ е комплетно извозно ориентирана компанија, која 60 проценти од своето производство го пласира на странските пазари. Наш приоритет се пазарите во регионот на Југоисточна Европа, каде што сме рангирани како шестата фармацевтска индустрија, пазарите на земјите-членки на ЕУ, пазарите на Северна Америка, Русија и на земјите-членки на ЗНД, како и земјите од Блискиот Исток и од Далечниот Исток.

Секој пазар има своја специфика и прилично е важно кон секој пазар да се пристапува индивидуално. Конкуренцијата е огромна. Се соочуваме со локални и со регионални силни конкуренти, моќни мултинационални и генерички конкуренти со огромни продуктни портфолија.

За да бидете конкурентни на кој било пазар, особено во фармацијата, неопходни се инвестиции во локални кадри, во производно портфолио и во маркетинг, а ако ние како компанија во изминативе 13 години сме вложиле повеќе од 100 милиони евра во производствени капацитети, технологии, кадар и знаење, нормално е нашите производи да им парираат на светски познатите. Тука би сакал да споменам дека фармацевтските производи се највисокорегулирана категорија на производи во светот и постојат многу строги регулативи во однос на нивните одобрувања за пласман на пазарите, што, во никој случај, од ниту една компанија од кој било дел од светот не смеат да се заобиколат.

Zivko-Mukaetov-4

Колку глобалната економска криза ги запре плановите на „Алкалоид“ за развој? Очекувате ли позитивните трендови на глобално и на европско ниво да ја прошират границата до која целите?
Мукаетов: Добрата страна од светската економска криза е што сите нѐ научи паметно и внимателно да се однесуваме со капиталот. Иако последиците од ударот сѐ уште се чувствуваат, во поглед на оптималното функционирање, „Алкалоид“ не направи драстични измени, туку многу повнимателна селекција на тоа каде и на што ќе се насочат средствата. Oдлуката за алоцирање на дел од профитот на компанијата ја прави тим стручњаци од различни области, кои работат во „Алкалоид“, но, секако, се води особена грижа за одржување на оптимален баланс меѓу порастот и ликвидноста.

Што е, всушност, крајната цел на компанијата?
Мукаетов: На глобален план, „Алкалоид“ како фармацевтска компанија станува сè поатрактивен. Компанијата има неколку предности, како што е присутност и етаблираност на повеќе пазари во регионот, сè помоќно и модерно портфолио на продукти, професионален и обучен кадар и стандарди на работење, кои се компатибилни со најстрогите светски регулативи.

Ние сме брза и флексибилна компанија, чијашто проактивност е конкурентска предност. Интенцијата на менаџерскиот тим на „Алкалоид“ е да се задржи таа позиција на независност барем во наредните три до пет години.

Преку засилување на нашите позиции во регионот, подобро позиционирање на пазарите на земјите-членки на Европската унија, ЗНД и САД, ние сме постојано отворени за градење на нови синергии и партнерства, специјализирање во одредени групи производи и генерално засилување на брендот „Алкалоид“ надвор од границите на Македонија.

Глобализацијата е неминовен процес. „Алкалоид“ и Македонија се дел од тој глобален систем на функционирање. На долгорочен план, менаџментот на компанијата го гледа „Алкалоид“ како дел од некој голем фармацевтски систем, преку кој со нашето име ќе освојуваме нови пазари.

„Алкалоид“ е комплетно извозно ориентирана компанија, која 60 проценти од своето производство го пласира на странските пазари. Наш приоритет се пазарите во регионот на Југоисточна Европа, каде што сме рангирани како шестата фармацевтска индустрија, пазарите на земјите-членки на ЕУ, пазарите на Северна Америка, Русија и на земјите-членки на ЗНД, како и земјите од Блискиот Исток и од Далечниот Исток

Ви сте член на Управниот одбор на „Македонија 2025“, какви се можностите оваа организација во која членуваат голем број „супермакедонци“, како што неформално Ве нарекуваат, да ја позиционира Македонија на глобално ниво како добра дестинација за водење бизнис?
Мукаетов: „Македонија 2025“ е основана во 2007 година од страна на угледни членови на македонската дијаспора, предводена од господин Мајк Зафировски. Уште кога ја добив поканата за пристап во „Македонија 2025“, имав само еден заклучок: дека оваа организација, навистина, има многу тешка и одговорна задача пред себе. Нема да биде лесно да се исполнат целите, ќе се соочиме со многу предизвици, но битно е да се обидеме, за да направиме барем мала разлика кон подобро позиционирање на нашата земја во светски рамки.

Економскиот развој на Република Македонија e еден од врвните приоритети на тековната агенда на организацијата „Македонија 2025“. Тоа што сакаме да го создадеме е еден силен потпорен ѕид, кој компаниите ќе го градат заедно, обединети, без поделба на мали, средни и на големи, кој ќе биде во можност да им одолее на предизвиците од типот на последната должничка криза.

Овие „супермакедонци“, како што ги нарекувате, се професионално докажани на глобално ниво и апсолутно посветени да им помогнат на македонските компании, да донесат стручњаци и да пренесат непроценливи искуства, што е можност што вреди да се искористи.

Фокусот на организацијата е насочен кон промовирање на предностите што ги имаме за инвестирање, промовирање на нашите производи и услуги, но и за поттикнување на економскиот развој на земјава преку промовирање на претприемаштвото, иновативноста и конкурентноста. Дефинитивно , кај нас постојат можности и потенцијали и многу е важно паметно да ги искористиме.

Zivko-Mukaetov-5

Многумина во Македонија забе­лежуваат дека имаме најмлади министри, дека нѐ воделе најмлади пре­миери. Вие сте еден од помла­дите топ-менаџери во земјава, колку младоста Ви помогна, а колку Ви отежнува во тоа што го работите?
Мукаетов: Би сакал да се оградам од наведеното дека младоста е предност, а староста хендикеп и лично сметам дека комбинацијата на искуството и на младост е тоа што, навистина, вреди и тоа што го дава саканиот просперитет. Говорејќи од лична перспектива, јас почнав да работам уште од своите студентски денови. Кариерата во „Алкалоид“ ја почнав на 25 години, а притисокот беше огромен и морав да бидам максимално фокусиран. Скалило по скалило во хиерархијата на компанијата, а почнав од подолните, навлегував во тајните на менаџирањето и во запознавањето со компанијата. Ја запознавав културата на компанијата и нејзините ресурси. Главната извршна функција ја добив на 32 години, а тогаш вкупната продажба на „Алкалоид“ изнесуваше 57 милиони евра. Веќе седма година како сум на чело на компанијата, годинава ќе ја завршиме со вкупна продажба од околу 115 милиони евра. Ентузијазмот е ист како пред 15 години.

Во услови на огромна политизација во сите сфери, Вие важите за човек што не се поврзува со ниту една политичка гарнитура или партија. Ви доаѓа ли некогаш на ум идејата за инволвирање во политика со цел да ѝ се помогне на својата земја на поинаков начин од тој на кој помагате сега.
Мукаетов: Политиката како професија бара премногу жртви, особено на персонален план. Себеси никогаш не сум се гледал на страната на политиката, а така и ќе остане. Среќен сум што преку спортот, општественото дејствување, а пред сѐ и над сѐ преку бизнисот можам да придонесам за доброто на државата. Секој успех на „Алкалоид“, а и мој личен успех, го сметам и за успех на Македонија.

Како ја гледате Македонија во 2020 година? Пред неколку месеци работев на едно истражување каде што беше поставено ова прашање. Најголем дел од испитаниците беа поделени, една половина за седум години земјава ја гледаат како стабилна членка на ЕУ и на НАТО, а другата половина даваат црни сценарија за иднината на Македонија. Што мислите Вие?
Мукаетов: Влезот на Македонија во евро-атлантските структури е прашање на банален предуслов, кој се провлекува прилично долго време, но, во секој случај, во моментов, чекањето на прагот на вратите од евро-атлантските структури не е пријатен. Од друга страна, пак, не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме; да кукаме дека сме „отсечени од светот“ и да не правиме ништо. Со членството или без него, според мене, од суштинско значење е економскиот напредок на земјава. Од моето лично искуство, „Алкалоид“ веќе со години е присутен не само на регионалните, туку и на светските пазари на кои влезот и не е толку лесен, но самите си го трасиравме патот. Со добра бизнис-идеја, квалитетен тим и агенда (која во никој случај не е отпорна на ризици), обесхрабрувачките фактори се само еден камен од асфалтот на патот кон успехот.

Разговараше: Го­ран Мо­ми­роски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Живко Мукаетов е објавено во 70. број на неделникот Република)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top