
Два месеца од апсењето на новинарот Зоран Божиновски во Србија, судот во Нови Сад сѐ уште не решил дали ќе го екстрадира во Македонија. Додека се чекаат доказите според кои Божиновски треба да биде испорачан на Македонија, српскиот суд пред Нова година го продолжил притворот на Божиновски за нови 60 дена – објави „24 Вести“.
Портпаролот на судот во Нови Сад вели дека целата процедура за испорачување на уапсениот новинар осомничен во случајот „Шпион“ трае бидејќи, меѓу другото, се чекала документацијата од Македонија која сега е дадена на превод.
– Додека од Македонија ние ја добивме документацијата, исказите, поминаа неколку месеци, и самите видовте тоа оди по меѓународни канали. Исто така се оди и на контрола на притворот, кога ќе истечат 40 дена не се пушта притвореникот, туку се проверува дали се исполнети условите и понатаму да биде во притвор, дека треба и понатаму да се собира таа документација, и додека е во притвор судот носи одлука дали треба да се екстрадира или не – изјавила Светлана Томиќ Јокиќ, портпаролка на судот во Нови Сад.
Ќерката на Зоран Божиновски, која живее во Србија, потврдила дека нејзиниот татко побарал политички азил во Србија, но тоа прашање не може да се реши додека судот не реши за притворот на таткото. Ана Божиновска вели дека извори од судот во Нови Сад ѝ кажале дека доказите кои стигнале од македонските власти за Србија не биле воопшто убедливи бидејќи немало материјални докази туку само изјави од сведоци дадени во фаза на полициско испрашување.
– Докази се изјави од сведоци, од сите луѓе кои биле во контакт со Зоран, во судот во Нови Сад ми кажаа дека тие не се сметаат за доволно добри докази, и кога стигнале тие докази, тие не биле читки, не се гледало убаво, тоа се некои докуманти кои воопшто не можат да се прочитаат –рекла Ана Божиновска, ќерка на Зоран Божиновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


