Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент денеска му одобри на поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден да сведочи пред комитетот. Сноуден во јавноста откри дека американската Национална безбедносна агенција (НСА) шпионирала лидери на Европската унија и остатокот од светот и заради тоа во моментов, со одобрен привремен азил, престојува во Русија.
За предлогот Сноуден да сведочи преку видеолинк гласаа 36 члена на Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент, додека двајца беа против, пренесоа француските медиуми.
Во Парламентот за овој предлог на комитетот ќе се гласа во февруари, па до евентуално сведочење на Сноуден може да стане збор дури во април.
Светскиот печат, врз основа на тајни документи што ги објави Сноуден, соопшти дека Вашингтон, со помош на сојузниците како Велика Британија, прислушуваат и шпионираат телефонски и интернетски системи низ светот.
Меѓу другото, јавноста на тој начин дозна дека НСА дури го прислушувала и мобилниот телефон на германската канцеларка Ангела Меркел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.