Ниту една членка на ЕУ досега не побарала укинување на визното олеснување за земјите од Западен Балкан, соопшти денеска Европската комисија, пренесува МИА.
– Нема нови моменти во последните три недели, истакна Микеле Черконе, портпарол на еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром.
Механизмот, кој предвидува времено укинување на безвизниот режим за земјите од кои пристигнуваат лажни азиланти, стапува во сила од утре.
Черконе додаде дека некои земји, меѓу кои и Германија, неколку години изразуваат загриженост поради злоупотреба на правата за азил од страна на граѓаните на Србија, Македонија и БиХ, но формална процедура за повторно воведување на визи не е покрената.
Во случај некоја членка да предупреди дека дошло до зголемен прилив на лажни азиланти, ЕК ангажира експертски тим кој ќе ја утврди состојбата на теренот и ќе препорача мерки за решавање на проблемот.
Доколку се процени дека повторното воведување на визите е единствен начин за решавање на ова прашање, Комисијата како последна мерка може да му препорача на Европскиот совет таа да биде спроведена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.