Министерството за здравство денеска распиша тендер за реконструкција и за адаптација на постојниот здравствен објект во Кичево, почнат во почетокот на деведесетти години од минатиот век, кој треба да прерасне во нова современа општа болница со цел задоволување на потребите на 70.000 жители кои живеат во регионот, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство, Никола Тодоров.
Тоа ќе биде современ здравствен објект, енергетски ефикасен, кој треба да обезбеди многу поголеми стандарди за лекување на пациентите од Кичево и околните места Другово, Зајас, Осломеј, Вранештица и Пласница.
Со реконструкцијата се очекува болницата во Кичево да прерасне во современ здравствен објект, енергетски ефикасен, кој ќе овозможи висок стандард на здравствените услуги.
– Новиот објект е во согласност со најновите и најсовремените стандарди во здравство, односно стандардите што ги имаме при изградба и реконструкција на сите здравствени објекти. Тоа значи ќе има тоалет во секоја соба, ќе се почитуваат сите правила за спречување на интрахоспитални инфекции, нови современи лифтови, паркинг-простор за сите кои ќе доаѓаат во болницата и целосно партерно уредување на околината на овој објект – истакна Тодоров.
Предвидено е реконструкцијата да почне во периодот март, април и во рок од 16 месеци целиот проект да биде завршен.
Вкупната вредност на инвестицијата е процената околу 200 милони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.