| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов ги прими членовите на Специјална олимпијада на Македонија

Нашите претставници на Зимската Специјална Олимпијада освоија три медали во Јужна Кореја

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими делегацијата на Специјална олимпијада на Македонија, која учествуваше на Светските Зимски Олимписки игри, одржани од 25 јануари до 05 февруари, 2013 година во Пјонгчанг, Јужна Кореја, каде што нашите олимпијци остварија извонредни резултати. Во конкуренција од 3014 атлети кои се натпреваруваа во седум спортови, Димче Михајловски освои златен медал во алпско скијање, Даниела Паневска и Димитар Мегеров освоија по еден сребрен и по еден бронзен медал во дисциплината алпско скијање, додека Катерина Крстева освои две четврти места во алпско лизгање.

Претседателот Иванов упати честитки до членовите на делегацијата за постигнатиот успех и истакна дека континуирано ги следи и цврсто ги поддржува активностите на Специјалната олимпијада на Македонија.

Во името на сите граѓани на Македонија, ви го честитам овој огромен успех, кој на сите нас ни ги стопли срцата. Секоја цел е достапна и секој сон е остварлив, доколку се работи посветено и одговорно. Вие тоа го покажавте и ја направивте горда цела Македонија, порача претседателот Иванов.

Македонскиот претседател потенцираше дека спортот е еден од најуспешните начини за интеграција и социјализација на лицата со посебни потреби, како и за подигнување на свеста кај пошироката јавност за давање соодветна помош и поддршка на овие лица. Претседателот Иванов истакна дека учеството на вакви меѓународни спортски настани придонесува и кон афирмирање на нашата земја.

Членовите на делегацијата на Специјалната Олимпијада на Македонија ги поздравија сите досегашни иницијативи на претседателот Иванов за поддршка и промоција на нивните активности и изразија надеж за уште поголеми успеси во иднина.

Претседателот Иванов приреди прием за членовите на Специјална олимпијада на Македонија и после нивното учество на Светските Летни Олимписки Игри во Грција во 2011 година и на Европските Игри на Специјална Олимпијада во Полска во 2010 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top