| четврток, 6 декември 2018 |

Утре ќе се соопштат детали од истрагата за паѓањето на Шумахер

schumacherФранцуската полиција најави за утре конференција за медиумите на која ќе соопшти детали од истрагата околу причините за несреќата на славниот Германец. Властите во Франција покренаа истрага за тоа дали везовите на скиите на Германецот Михаел Шумахер предизвикале пад на седумкратниот светски шампион во Формула 1 по кој тој удри со глава во карпа.

Полицијата доби и снимка од камерата која била на кацигата на Шумахер, како и наводната случајна снимка која ја направил еден турист.

Дел од медиумите објавуваат дека полицијата наводно истражува дали везовите на скиите можеби затаиле во моментот на несреќата. Везовите се дизајнирани со механизам кој автоматски ги отпушта чизмите за да се спречат потешки повреди кај скијачите. Во случај овие везови да не ги ослободиле чизмите на Шумахер тој поради тоа би можел да изгуби контрола и да удри во карпа.

Шумахер е во вештачка кома од 29 декември, кога ја повреди главата додека на скијалиштето Мерибел во Франција се скијал на неозначени патеки. Тој е двапати опериран во болницата во Гренобл и е во критична, но стабилна состојба.

Во меѓувреме, местото на кое Шумахер удри со главата при скијање и понатаму привлекува големо внимание.

Камерата на фоторепортерот на Ројтерс ги сними патеките на скијалиштето во Мерибел. Имено, од снимките се гледа дека на патеката има големи камења, а веројатно на некој од нив ударил и 45-годишниот Шумахер. Францускиот адвокат специјализиран за процесот по повредите на скијањето Едуар Бургин смета дека одговорните лица за одржување на патеката Мерибел индиректно се одговорни за несреќата која ја доживеа Шумахер.

Во јавноста проциркулира и неговиот тестамент, кој е тежок повеќе од една милијарда долари кои ги остава на семејството. Неговата сопруга Корина ги замоли медиумите да му помогнат на Шумахер така што ќе ги остават лекарите да си ја работат својата работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top