| четврток, 6 декември 2018 |

Судијата што се самоуби во Велес бил дел од кривичниот совет во предметот „Ореше“

Veles-5

По самоубиството на велешки судија Бојчо Весов се отвораат нови дилеми во случајот „Ореше“. Весов, кој беше пензиониран судија,  беше погребан на Божик, на гробиштата кај црквата „Св. Ѓорѓија“ во селото Отовица. Од полицијата не откриваат дали поранешниот судија оставил проштално писмо. Самоубиството  на 65-годишниот велешки судија Бојчо Весов е шок за  поширокото семејство,  но и за неговите колеги и пријатели кои добро го познаваат и биле во постојан контакт со него.

-Не покажуваше никакви знаци на депресија, на разочарување, не се жалеше. Не можам да поверувам дека ова се случи-  вели негов близок пријател за Утрински весник.

Според официјалните информации до кои дошол Утрински, самоубиството се случило во неделата околу 14.30 часот во домот на поранешниот судијата. Весов животот си го одзел пукајќи со пиштол. Неофицијално, еден куршум во слепоочницата бил фатален по неговиот живот. Кога  се слушнал истрелот, за кратко време дошла Итната помош,  но веќе било доцна,  тој бил починат, а докторите не можеле да му помогнат.

Весов е од познато велешко семејство, има син единец, додека неговата сопруга почина пред неколку години.  Членови на неговото пошироко семејство се на угледни и високи позиции во судството.

Тој живеево центарот на градот во куќа која е една од позначајните обележја на градот, кај велешани позната како  куќата на Весови.  Тој безмалку цел работен век го мина како судија за прекршоци во Основниот суд во Велес од каде се пензионираше минатата година во мај. Весов беше дел од кривичниот совет во предметот  за убиството во велешкото село Ореше, во првите две осудителни пресуди. Бидејќи потоа се подготвуваше за во пензија, неговото место во овој предмет  го зазеде помлад судија.

За потсетување, убиството на Лазар Милошевски од велешкото село Ореше се случи во 2005 година, а судскиот процес против обвинетиот Ѓоре Петровски и браќата Љупчо и Ордан Ѓеоргиевски сѐ уште нема разрешница. Велешкиот суд по четврти пат годинава ќе треба да го започне судењето за Ореше, откако претходно донесе две истоветни пресуди за браќата Ѓеоргиевски. Тогашниот судечки совет донесе решенија со кои на браќата им се изрекуваа затворски акзни во траење од по 12 години, но откако заштитениот сведок „Бреза“ побара да му биде симнат одредениот статус, судот донесен ослободителни пресуди за тројцата обвинети. Во меѓувреме, претседателот на советот, јавниот обвинител, кој го поднесе актот против обвинетите и уште неколкумина други беа обвинети за злоупотреби и за примање поткуп и беа осудени на повеќегодишни затворски казни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top