
Царинските службеници од граничниот премин Богородица спречија обид за нелегално пренесување на 2 килограма високо квалитетен хероин, соопшти Царинската управа.
Дрогата е пронајдена кај патничка во автобус на транспортна фирма од Истанбул, Турција при влез во Македонија на граничниот премин Богородица околу 5:30 часот. При детален преглед на патниците од автобусот кај патничката која е албански државјанин, на нејзиното тело, поточно над стомакот се откриени седум пакетчиња со непозната прашкаста материја со светло кафена боја со тежина околу 2 килограма.
По извршеното тестирање на пронајдената материја утврдено е дека станува збор за наркотично дрога хероин.
Сторителот и хероинот се предадени на инспектори од Одделението за истраги заради превземање понатамошни предистажни дејстивја.
Од спроведената предистражна постапка, собрани се докази кои укажуваат дека осомничената договорила транспорт на дрога со автобус и тоа за цена од 300 евра. Првобитно, таа била контактирана од непознато лице од Тирана кое при негова посета во Корча и понудил да работи како транспортер на дрога на релација Турција-Албанија. Осомничената се согласила да ја врши понудената работа за надокнада од 300 евра за секој остварен транспорт на дрога.
После договореното, направен е план како да се изврши транспортот на дрогата. На 28.12.2013 година осомничената со автобус од Корча преку Грција го продолжува патувањето до Истанбул, Турција. Следниот ден осомничената пробно без да носи дрога во нејзе, со автобус тргнала за Струга и тоа преку Грција. Бидејќи патот го поминала без да биде прегледувана на граничните премини од Турција до Албанија, тоа ја охрабрило и веднаш по пристигнувањето, поточно на ден 04.01.2014 година повторно со истата линија од Корча се упатила преку Грција за Република Турција.
Во Истанбул ја пречекало повторно непознато лице со потекло од Албанија кој што осомничената ја однел во куќа во периферијата на Истанбул. Таму ја пречекале две лица кои ја подготвиле за транспорт така што седумте пакетчиња со селотејп трака и ги залепиле околу нејзиното тело под долната облека. Откако се подготвиле за транспорт на 5 јануари, годинава во 20 часот ја однеле на автобуската станица во Истанбул и ја качиле на автобус за Струга, Република Македонија. Дрогата требала да ја предаде при влез во Република Албанија на лице од Тирана.
Инаку, станува збор за висококвалитетен хероин, кој на нарко пазарот би достигнал вредност од околу 50.000 евра.
Царинската Управа по целосно комплетирање на истрагата за случајот ќе поднесе кривична пријава против А.К. поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело по член 215 од КЗ на РМ “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”. Лицето заедно со кривичната пријава во текот на денот ќе биде предадено на надлежното Јавно обвинителство во Велес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


