Владиката Тимотеј во своето интервју за Дојче Веле вели дека бил против одлуката Синодот да го укине користењето на социјалните мрежи на интернет за епархиите и додава дека одлуката е донесена набрзина, без да се елаборира.
– Сметам дека тоа е современо постигнување коешто ако се користи исправно нема зијан, пример земете го ножот. Со него можете да презентирате цивилизирано и културно јадење, но со тој ист нож можете да се самоубиете или да убиете некој друг. Тоа не значи дека ножот треба да се исфрли од употреба затоа што може да предизвика одредени штетни последици – вели владиката Тимотеј.
Владиката Тимотеј во врска со ситуацијата со признавањето на МПЦ-ОА од Српската православна црква е статус кво, а во врска со црковните општини во Австралија, вели:
„Во туѓи работи не сум се мешал, ниту имам такви намери. Но, не се плашам доколку некој смета дека има потреба да се меша во моите работи. Нека повели ако има мегдан и поле. Црквата не е таткојна ниту на митрополитот Петар, ниту на митрополитот Тимотеј. Австралискиот проблем е подолг. Постоеше и пред да бидам надлежен епархиски архиереј во Австралија. Проблемот кулминира и добива многу подраматични димензии со поделби, непријателства коишто се надвор од редот и поредокот на едно македонско ткиво, независно дали е црковно или национално. Кога би знел дека со моето одење во Австралија ќе се реши проблемот и да сум на смртна постела би отишол да го решам. До овој миг не сум отишол, бидејќи не гледам реален простор за мое делување во оние општини коишто се под мое раководство, односно под Синодот, а јас пак експозиција на Синодот како администратор на тие општини коишто не се со официјалната австралиска епархија со којашто администрира митрополитот Петар. Лично сметам дека разликите и поделбите и ставовите на едните кон другите со добра желба можат да се надминат“.
Во врска со доделувањето на црковен имот на Субрата Рој, владиката вели дека ниту по една цена не би му дал ни педа од црковниот имот.
– Цврсто стојам на ставот дека црквата не е подготвена да отуѓува ниту педа од манастирскиот имот. Уште нема ништо, никој не нè контактирал, никој не побарал имот – вели Тимотеј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.