| четврток, 6 декември 2018 |

Да се казнуваат македонските државјани кои учествуваат во војни во странство

И Македонија треба да го казнува учеството на нејзини државјани во воени конфликти во странство, смета пратеникот Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи. По негова иницијатива, со последните измени на Kривичниот законик, врбувањето борци за војни во странство стана кривично дело, а спремен е да иницира и амандман со кој ќе се казнува учеството во конфликти во странство, пишува Дневник.

g_sirija

Слична иницијатива веќе неколку месеци е актуелна во Босна и Херцеговина и во Србија, а српскиот вицепремиер Расим Љаиќ предложи на српските граѓани кои се борат во странство да им се одземе државјанството. Повод за ваквите иницијативи се процените дека во конфликтот во Сирија во моментов учествуваат од неколку стотини до повеќе од илјада државјани на балканските земји.

Македонија досега не објави процена колку нејзини граѓани учествуваат или учествувале во конфликтот во Сирија, но најмалку тројца македонски државјани досега загинаа во тој конфликт борејќи се на страната на бунтовниците.

Првиот чекор во санкционирање на учеството во конфликти во странство беше направен со последните измени и дополнувања на Kривичниот законик. Kазната за врбување борци за странски војски, ново кривично дело кое се предлага со измените, е од една до пет години.

– Треба да се предвиди казна и за учесниците. За организаторите може да биде повисока, но за секој што ќе учествува треба да има санкција – вели пратеникот Трајанов од Демократскиот сојуз.

Тој смета дека сега со амандман може да се додаде и ново кривично дело за оние што учествуваат во туѓи војни.

– Докажувањето би се вршело како и за секое кривично дело. Веројатно би се прибирале снимки, фотографии, евиденција од вооружени формации, а најважни би биле сведоците. Доказите може да се прибираат и преку соработка со служби од други држави затоа што секогаш ќе има држави незадоволни од тоа што нечиј граѓанин учествувал во конфликт од едната или другата страна. Се разбира, мора да се разработи методологија за собирање информации и за документирање на учеството – смета поранешниот министер за внатрешни работи.

Напорите да се пропишат и да се спроведат санкции против сопствените државјани кои учествуваат во конфликти во светот секаде е многу тешко, предупредува професорот по меѓународно право Методи Хаџи Јанев, експерт за конфликти.

– Неколку држави се обидуваат тоа да го сторат преку своето законодавство, но тоа оди многу тешко. Првиот обид тоа да се направи на меѓународно ниво е со конвенциите за платеници во конфликтите, што отвори голема дебата. Од една страна е проблемот со правото на работа. Едната страна се приватните воени компании, кои се и беа и тоа како вклучени во функционирањето на коалициските сили во Ирак и во Авганистан, на пример. Од друга страна се хуманитарните права – како ќе спречите некого да ги изрази своите чувства и да се бори на страната во која верува – посочува Хаџи Јанев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top