| четврток, 6 декември 2018 |

Почнуваат Божиќните празнувања – Утре се слави Бадник, задутре Божиќ

Со народни собири и со запален бадникарски оган православните христијани во скопските маала и во другите градови низ земјава симболично ќе го одбележат Бадник ден пред големото Рожденството Христово – Божиќ. Македонскиот народ со многу вера и внимание и пред се почит го одбележува овој празник кој се празнува во чест и спомен на раѓањето на Исус Христос, а овој празник е најважниот празник за христијанските верници бидејќи тој се смета и за почеток на новата ера.

Не случајно народот рекол „Пред Божиќ зад Божиќ кај и да си дома да си” бидејќи според обичајот токму на овој ден целото семејство се собира дома кога домаќините подготвуваат богата посна трпеза, зашто како што се вели во народните преданија ако трпезата на овој ден биде богата тогаш богата трпеза ќе има за семејството и во текот на целата година.

Обичај за овој ден е да се меси лепче со паричка. Домаќинот кој го претставува столбот на семејството пред вечерата ја благословува трпезата и го крши лепчето на неколку парчиња кои ги дели со најблиските, а според традицијата се дели и едно парче за Господ бог и едно за куќата. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ, најголемиот христијански празник.

Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје, каде на годинашниот кум Методија Стефановски-Тоде ќе му биде врачен преодниот бадникарски ќуп.

Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски” ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во 11 часот со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и ќе му го предаде ќупот на новиот кум-бадникар.

Здравицата годинава ќе ја каже доктор Владимир Плавевски, а на граѓаните ќе им се обратат градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и стариот кум, бизнисменот Даниел Воиновски.

Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top