Повредениот возач за весникот„Дневник“ го раскажува она што се сеќава дека се случило ноќта во пресрет на Новата година. Вели дека за 31 година, колку што работи во Службата за итна медицинска помош, не му се случило вакво нешто.
– Возејќи кон посочената адреса во Kисела Вода, првин наидовме на толпа луѓе, меѓу кои имаше дете, а веќе имаше и полиција и јас прашав: „Треба ли помош?“ Но ми рекоа дека не треба и продолживме уште 50-ина метри по улицата Марко Орешковиќ. Видов дека сме на бројот 74 и помислив дека малку подолу е и куќата број 66, со повик за пациент во кома, кога слушнав удар од назад. Помислив да не удривме во друго возило, но кога излегов надвор, видов искршено стакло на задната врата. Се свртев кога замавнаа и по мене со метална шипка. Среќа што успеав да ја кренам раката и ја заштитив главата, инаку којзнае каков удар ќе добиев… Тогаш се затетеравив, малку изгубив свест и сум паднал, а кога се освестив, видов дека четворица помлади лица, кои беа облечени во црни јакни, бегаат – раскажува 52-годишниот возач кој сака да остане анонимен.
По инцидентот решил самиот да продолжи да вози до Ургентниот центар.
– Kога стасавме, солзи ми течеа од болка и само што влеговме во Ургентниот центар, колабирав! Не знам што е ова и зошто се случува некој да нападне екипа која оди да укаже брза помош на друг граѓанин, а ова е трет напад во декември на наша екипа. Ги ризикуваме секој ден животите возејќи ги возилата на брзата помош, тоа ни е работа, но не можам се уште да се „освестам“ како некој може и да помисли да нападне без никаква причина возач на оваа служба – вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


