| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската одбојкарска репрезентација поразена од Србија во Ниш

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва во Ниш е поразена од домаќинот Србија со 3:0. Ова беше натпревар од Ј групата на квалификацискиот турнир за Светското првенство (трета фаза) што ќе се одржи во Полска оваа година.

Избраниците на селекторот Жарко Ристоски против третопласирана репрезентација на последното Европско првенство одиграа солидно во првите два сета, пружија достоен отпор и освоија по 22 поени. Најнеизвесно беше во третиот сет во кој Македонците беа на добар пат да го освојат, водеа со 20:17, потоа и со 23:22, но не издржаа до крај и го загубија со 25:23.

На првиот дуел од оваа група Словенија ја победи Португалија со 3:1 (20:25; 25:19; 25:21 и 25:21).

Табела: Србија 3 бода, Словенија 3, Португалија 0, Македонија 0.

Утре Македонија ќе игра со Португалија, а в недела противник на нашите одбојкари ќе биде селекцијата на Словенија.

Првопласираната селекција од овој турнир директно ќе се пласира на СП во Полска, додека второпласираната ќе игра екстра бараж.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top