| четврток, 6 декември 2018 |

Измените и дополнувањата на медиумските закони на 16 јануари пред пратениците

novinarski tekst

На 16 јануари во рамки на 82. собраниска седница пратениците ќе ја утврдуваат потребата за донесување на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Законот за медиуми, двата во скратена постапка. Владата на 30 декември ги прифатила измените и дополнувањата на законите и на 31 декември ги доставила до Собранието.

Законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за медиуми беа донесени на 25 декември, а во нив се интервенира откако за некои спорни одредби беше постигнат договор со Здружението на новинарите на Македонија. Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, најави дека ќе се интервенира во законите веднаш откако тие ќе бидат донесени од Собранието.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, вчера на брифинг со новинарите рече дека измените се усогласени со ЗНМ, но оти дијалогот за сите други спорни прашања во однос на овие закони ќе продолжи.

– Овој процес одблиску го следат меѓународната заедница и Брисел и се поздравува фактот што е возобновен дијалогот – посочи Бесими.

Со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, меѓу другото, се предвидува двете здруженија на новинари од Република Македонија со најголем број членови да предлагаат по еден член на Советот, a во членот 48 се додава нов став кој гласи: Посебните забрани од ставот 1 на овој член треба да бидат во согласност со практиката на Европскиот суд за човекови права.

Со измените и дополнувањата на Законот за медиуми се врши изоставување на електронските публикации, обврската за објава на одредени информации, како и обврската за донесување акт на медиум од Законот за медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top