Не постои никакво оправдување за грозоморните злосторства извршени во Волгоград, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Путин рано изутринава допатува во овој град на советување за борбата против тероризмот.
– Злосторниците немаат никакво оправдување за извршување напади врз цивили, посебно врз жени и деца, истакна Путин.
Тој нагласи дека руските специјални единици прават се за да ја осигураат безбедноста на цивилите.
На советувањето присуствувале шефовите на Федералните служби за безбедност и на Министерството за внатрешни работи, Александар Борњиков и Владимир Колокољцев, министерот за здравство Вероника Скворцова и гувернерот на Волгоградската област Сергеј Боженов.
Во двата терористички напада, извршени на 29 и 30 декември, загинаа 34 лица. Досега никој нема преземено одговорност за бомбашките напади на железничката станица и во трилејбус во Волгоград, но постои сомнеж дека тоа би можеле да бидат исламски екстремисти од Северен Кавказ, чиј лидер Доку Умаров минатото лето ги повика своите приврзаници да направат се што е во нивна моќ за да го спречат одржувањето на зимските олимписки игри во Сочи, чие отворање е предвидено за 7 февруари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


