| четврток, 6 декември 2018 |

„Изгрев“ од туристички објект стана монументална скулптура

Она што јас го видов во оваа приказна е пропаста на претходниот систем, кој не успеа своите, во основа хуманистички премиси да ги преслика во реалноста. Феноменот на пропаста на големите идеи на овој систем, особено оние за еднаквост, правичност и економски просперитет, и нивната празнотија се пресликани во „Изгрев“, вели авторот Сашо Димоски

Изложбата „Изгрев на залез“ беше поставена во Куршумли-ан. Станува збор за специфична изложба на фотографии врамени во гобленски рамки. Колку фотографии изложивте и за што станува збор?

-Изложбата всушност се состои од три дела: десет црно-бели фотографии од хотелот „Изгрев“ кај Струга, дваесет и две фотографии во боја од отворањето на објектот и проспект од хотелот. Црно-белите фотографии се мои, авторски, направени во август 2012 година. Фотографиите во боја се направени на 1 септември 1979 година, денот кога хотелот е свечено отворен, а проспектот е од средината на деведесеттите години на минатиот век.

Фотографиите се црно-бели, снимени на утринско сонце кое продира од исток и навлегува во внатрешноста на опустошениот објект низ широките, со ништо затворени отвори, моделирајќи ги облиците со долги коси ленти сенки и светло, и ја прикажува текстурата на материјалот.) Иако овие фотографии (припаѓаат на документарниот жанр и ја забележуваат. Иако овие фотографии припаѓаат на документарниот жанр и ја забележуваат состојбата на „Изгрев“ таква каква што ја затекнав тогаш, тие се стремат, преку пристапот на субјективниот реализам, да ја доловат и уметничката димензија на еден објект кој со текот на времето е деконструиран, и од туристички објект станал монументална скулптура.

Фотографиите во боја се репродукции на оригинален фото-албум од свеченото отворање на хотелот. Тие се архивската граѓа на овој проект, и го доловуваат духот на времето во кое е отворен овој хотел, т.е. почетокот на крајот на претходниот социјалистички систем. На нив се гледа тогашниот струшки и републички политички и партиски естаблишмент, кој во една масовна свеченост присуствува на отворањето на еден „елитен“ објект наменет исто така за масовен туризам. Овој настан, парадоксално, се случува на крајот на ионака кратката летна сезона, како некакво навестување за исто така релативно краткиот живот на хотелот и неговата економска неисплатливост.

„Изгрев на залез“ содржи фотографии од хотелот „Изгрев“ во Струга. Која е приказната што ве инспирираше и до каде е сега хотелот? Во каква состојба се наоѓа?

-Како што веќе споменав, во основата на овој проект е судбината на хотелот „Изгрев“, т.е. судбината на еден објект како парадигма за судбината на нашето севкупно македонско општество во периодот на тн. транзиција од еден во друг општествено-политички и економски систем. Она што јас го видов во оваа приказна е пропаста на претходниот систем, кој не успеа своите, во основа хуманистички премиси да ги преслика во реалноста. Феноменот на пропаста на големите идеи на овој систем, особено оние за еднаквост, правичност и економски просперитет, и нивната празнотија се пресликани во „Изгрев“. Тој, наместо да биде архитектонска гордост и туристички бисер на Охридското Езеро, со својата економска неисплатливост и реална, физичка деградација, станал реликвија. Соочен со неговата пост-апокалиптична атмосфера, сакав да дадам  фотографска визуелизација на распаѓањето на едно државно уредување со сите негативни последици и слика за смртта на еден прекрасен објект кој повторно „оживува“ како монументално тродимензионално уметничко дело во еден надреален премин низ димензиите на менувањето на формите на животот.

Зошто се избрани токму овие, кичрамки, а не некои други, посовремени и поедноставни кои подобро би ја истакнале формата и композицијата на фотографиите?

-Рамките се дел од приказната, а таа има и своја универзална компонента, која би можел да ја резимирам со зборовите дека секоја идеологија има свој барок. „Изгрев“ е споменичен остаток на едно минато време, на една идеологија, која, како што може да се види и од фотографиите од неговото отворање, и од неговата грандиозност, е пред сè намената за масовна конзумација. Како таква, таа има потреба да се манифестира преку одредени уметнички, или, подобро речено, квази-уметнички форми, т.е. преку кич во класичното значење на тој збор. Барокните рамки околу моите фотографии се истите оние што ги врамуваа гоблените од нашето детство, оние што се везеа со прецизна репродуктивност, по насликани позадини или по шеми на исто така кичести уметнички дела на некои минати времиња. Тие го врамуваат црно-белиот свет на „Изгрев“, сега празниот споменик кој некогаш бил изграден да биде во служба на промовирање на таа идеологија, да биде посетуван, консумиран од многумина, да биде предмет на воодушевување, народна гордост. Неговата денешна функција на уметнички предмет се потенцира токму со таа кичеста евтино златна рамка.

Која е пораката што сакате да ја испратите со овие фотографии?

Фотографијата во овој проект е средството на мојот уметнички израз. Таа не е само алатка за документирање на состојбите, туку и начин на критичко опсервирање на општествените појави што сме ги живееле или ги живееме. Би сакал овој проект, како и секое дело кое припаѓа на ангажираната уметност, да поттикне подлабока и посеопфатна дискусија, која нема да глорифицира, но нема и да амнестира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top