| четврток, 6 декември 2018 |

Ристовски: Во образованието и 2014 година ќе биде реформска година

Во образованието и 2014 година ќе биде реформска година и година со крупни проекти за чиешто спроведување Министерството ќе има буџет повисок за една милијарда денари од тој во 2013 година, односно 22,4 милијарди денари, што е за околу 60 проценти повеќе од буџетот што овој сектор го имал во 2006 година.

Ресорниот министер, Спиро Ристовски, е задоволен од постигнатото во ресорот што го раководи седум месеци. Издвои четири проекти што ја одбележале годината – воведувањето на комплексниот процес екстерно тестирање, кое опфати 200.000 ученици во основното и во средното образование, потпишаниот договор со „Кембриџ“ за наставни програми и учебници, кои се очекува да влезат во училиштата од септември, првпат меѓународна ИБ-програма во Македонија (како пилот-проект во скопските основни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Кирил и Методиј“) и капиталните инвестиции – пет нови училишни згради (во Аеродром, Вевчани, Хром, Чаир и Арачиново), шест монтажни/модуларни училишта и отворени 12 спортски сали.

– Очекувам 2014 година да биде година во која ќе се зголемат активностите во образованието во секое поле, посебно во делот на инвестициите. Имаме покачен буџет, планиран на 22,4 милијарди денари, што е за 60 проценти повеќе од буџетот во 2006 година. Со ова јасно покажуваме дека образованието ќе остане врвен приоритет на Владата на РМ. Јас сум искрен и реален. Не велам дека ситуацијата е совршена во образованието во Македонија, но како ресорен министер уверувам дека заедно со мојот тим во МОН ќе дадеме максимум во 2014 година да ги подобриме уште повеќе условите и ќе работиме напорно – истакна министерот Ристовски давајќи отчет на прес-конференција.

Во 2014 година ќе почне нов концепт на државната матура со воведување трет екстерен предмет по избор на матурантот. Ќе биде преодна, подготвителна година, зашто од 2015 година третиот задолжителен екстерен предмет ќе биде математика. Најавената реконструкција на студентските домови се очекува да почне налето, кога студентите ќе бидат на распуст, прво со санација на блокот Б на домот „Гоце Делчев“.

Во првиот месец од новата година ќе се спроведе екстерно тестирање за учениците во завршна (трета или четврта) година средно (22 и 24 јануари), објавување ранг-листа на наставници што отстапиле во оценувањето на екстерното тестирање и кои ќе имаат помала јануарска плата, односно наградени, кои немале отстапувања. До 15 јануари се очекуваат и резултатите од второто рангирање на македонските високообразовни институции според критериумите на Универзитетот „Џаотонг“ од Шангај.

Министерот Ристовски им се заблагодари за поддршката на наставниците и на учениците – наставниците зашто биле сојузници во спроведувањето на реформите, а на учениците и нивните семејства зашто се директно засегнати од реформите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top