
Безмилосна борба со криминалот или терор на власта? Заклучокот зависи од тоа кој како гледа на работата на Министерството за внатрешни работи, но за оваа година останува ноторниот факт дека полицијата удри по криминалот како никогаш досега. Веќе никој не може да се чувствува безбеден ако ги прекрши законите, па макар бил познат актер, угледен археолог, учесник во борбата за независност на Македонија, близок на власта или на опозицијата. Истражниот затвор денес ги собира сите.
Уште недостигаат крунисани глави во мрачните ќелии на Шутка.
Секако, обвинетите имаат своја одбрана, но се покажа дека и судовите не сакаат многу да заостануваат зад полицијата, па како што паѓаа големите апсења така имаше и неколку пресуди.
Но, можеби, најзначајното постигнување од овие акции е втерувањето страв в коски на криминалците. Таканаречените Франкфуртска и Хамбуршка мафија беа десеткувани оваа година, а претходно повеќе од една деценија без проблеми препродавале дрога по цела Германија и западна Европа. Секако, тоа не значи дека бандитите ќе се откажат од криминалот веднаш, како што покажуваат примерите и на други земји кои постигнале значајни резултати во борбата со криминалот, но ќе мора барем привремено да се повлечат – или да го селат бизнисот во некои други држави.
Што се случуваше годинава? Да направиме еден хронолошки преглед.
Најстрога казна за новинар
Серијата спектакуларни апсења почна на 18 април кога полицијата стави лисици на рацете на човекот кој своевремено се сметаше за најмоќен човек во државава, а потоа беше и долгогодишна сива еминенција. Слободан Богоевски, бардот на македонското разузнавање, еден од „осумтемина“ од УБК што учествуваа во тајните операции за остварување на независноста на Македонија, заврши во Шутка. Вистинска мизерија кога ќе се погледне обвинението. Не станува збор за некаква македонска верзија на аферата „Драјфус“, туку за малверзации со парите на словенечки „Меркатор“. Причината поради која е уапсен, најверојатно, му паѓа потешко отколку двете години затвор (осум месеци веќе одлежи во Шутка) што ќе треба да ги издржи. Барем така изгледа сега, по неодамнешната првостепена пресуда на Основниот суд Скопје 1. Заедно со Богоевски беа осудени четворица познати скопски адвокати. Посебно интересно во целата приказна е што има потерница и притвор по Митја Валиќ, словенечки државен функционер, а, од друга страна, владее апсолутен молк во словенечката јавност за ова прашање.

Слободан Богоевски (средина), ладнокрво ја слушна пресудата од 2 години затвор
Сепак, апсењето на Богоевски не предизвика ниту приближно толкав потрес на домашната политичка и медиумска сцена како што тоа го направи операцијата „Ликвидација“, која, најверојатно, така е наречена зашто станува збор за откривање идентитет на заштитен сведок во судски процес за нарачано убиство. На 28 мај беше уапсен новинарот Томислав Кежаровски, заедно со истражни судии и обвинители кои беа актери во судскиот спор за убиството на старецот од Ореше. За само неколку месеци Кежаровски доби четири и полгодишна казна затвор, највисока што досега била досудена на новинар поради нешто што го напишал. Силните протести на неговите колеги и солзите и молбите на Кежаровски упатени кон судиите не помогнаа. Државниот обвинител Марко Зврлевски изјави дека немало олеснителни околности за Кежаровски и поради тоа казната била таква. Иронијата на целиот случај е што власта и судот беа жестоко критикувани поради таа акција, а Кежаровски беше осуден по закон донесен од владата на СДСМ од 2005 година. Сепак, таа пресуда ја стави Македонија на мапата на држави во кои има жестоки казни за новинари. Основниот суд Скопје 1 по ова како малку да ретерираше, па му дозволи на Кежаровски да биде на слобода до правосилноста на пресудата.

Неговото апсење предизвика најголем шок во јавноста – Паско Кузман
И покрај реакциите за „Ликвидација“ и судбината на Кежаровски, ниеден случај не ја шокира јавноста толку како веста за апсењето на Паско Кузман. Македонскиот Индијана Џонс, како што го нарекуваат, беше уапсен на 15 јули под сомнение дека незаконски издал одобрение за копање археолошки локалитет на една компанија. Во јавноста за Кузман има впечаток дека е многу близок со власта поради поддршката што државата ја дава за истражување на домашните археолошки локалитети. Можеби и Кузман мислел така, па малку се „отпуштил“. Многумина заборават дека тој имаше судир со законот и во времето кога СДСМ беше на власт. Тогаш беше осуден условно на една година затвор поради злоупотреба на службената положба при изградбата на црквата на Плаошник во Охрид. Но, без избрзување, за него сѐ уште нема ни првостепена пресуда.
Ако сите беа шокирани за апсењето на Кузман, тогаш никој не беше ниту изненаден кога полицијата го уапси познатиот актер Кирил Поп-Христов, познат како Кили. Неговата приказна е многу добро позната, тој и порано бил во затвор, па можеби поради тоа само во едно рочиште во скопскиот суд беше осуден на една година затвор. Кили се обидуваше да ги убеди судиите дека во дворот на куќата во Визбегово засадил канабис инди, а не канабис сатива (од кој се добива марихуана) за од тоа растение да добие масло со кое ќе се лекува. Пред неколку дена беше уапсен и неговиот брат Мио, односно Владимир Поп-Христов, за истото дело, поточно тој самиот се предал на полицијата на граничниот премин „Богородица“.
Случаи за снимање филм
Речиси сите споменати елементи ги имаше случајот што ја разбранува јавноста на 15 септември. Драма, акција, тајни, шпионирање, спор за име, Грција… сѐ по ред за сценарио за трилер. Како и во случајот со Кузман, јавноста беше шокирана со апсењето на Борис Дамовски, креаторот на „Еднооки“. Додуша, по 13 часа седење на едно мошне неудобно столче, како што самиот велеше, беше ослободен од сомнеж, но во случајот обвинети се едно чудо звучни имиња.

Борис Дамовски – 13 часа на мошне неудобно столче, ама и тоа е подобро од месеци поминати во Шутка
И Горан Стојков, генерал на некогашните „лавови“, специјална единица на МВР формирана од Љубе Бошковски во 2001 година, е обвинет во случајот. Ова е ново обвинение за Стојков откако се спаси од доживотен затвор во случајот „Раштански Лозја“. Уште еден од „осумтемина“ е во притвор, Александар Диневски (тој е вториот од оваа легендарна група на УБК, по Богоевски), понатаму Марјан Маџовски, шефот на кабинетот на претседателот на Собранието, па гласниот критичар на власта откако беше сменет од функцијата директор на Управата за финансиско разузнавање на Министерството за финансии, Ване Цветанов. Покрај неколку разузнавачи, на списокот е и вториот новинар што годинава ќе заврши зад решетки, Зоран Божиновски. Тој е во екстрадиционен притвор во Србија. Во случајот се спомнаа многу работи – шпионирање за други држави (тука Грција се спомнува најмногу), порнографски снимки, уцени на познати бизнисмени. За жал, судењето ќе биде затворено за јавноста.
И на крајот, политика. Како да сме заборавиле на силните апсења политичари од Бучковски наваму. Не толку познатиот Мирослав Шиповиќ, претседател на Советот на Општина Центар, е осомничен за злоупотреби во „Машинопромет“. Интересно е што за криминал во оваа фирма порано во медиумите постојано се споменуваше семејството Пајмаковски, но сега излегува дека некој друг ја мател водата таму.
Покрај овие случаи, полицијата ги наполни затворите и со случаите „Детонатор“, „Франкфуртска мафија“ и „Хамбуршка мафија“. Следната година можеби ќе ја дочекаме екстрадицијата и на Миле Хаџиски.
Пишува: Александар Божиновски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


