Околу 30 милиони граѓани на Романија и Бугарија, кои влегоа во Унијата од 2007 година, од 1 јануари ќе можат слободно да работат во земјите во ЕУ.
Во Европската организација за развој и соработка тврдат дека слободното движење на работната сила влијаело за намалување на невработеноста во Европската унија за дури 6%.
Сепак, во Германија која има стапка на невработеност од 6,9%, веќе се водат жестоки дебати дали навалата на Бугари и Романци би можела да ја зголеми невработеноста.
Германците веќе предвидоа дека само во 2014 година во Германија би можеле да се доселат околу 180 илјади граѓани на Бугарија и Романија во потрага по работа.
Во време кога Романија и Бугарија стануваа членки на Европската унија, се стравуваше дека е можно да следат масовни миграции од новите членки во земјите од Унијата, а земајќи ги предвид проблемите на европските пазари на труд, ЕУ се одлучи да ги ограничи работните дозволи на овие две земји.
Меѓутоа, иако седумгодишното ограничување на граѓаните на Бугарија и Романија е во сила во ЕУ, повеќето членки во изминатиот период со национални одредби го укинаа тоа ограничување. Моментално на европскиот закон се придржуваат девет членки, и тоа Велика Британија, Германија, Франција, Холандија, Австрија, Белгија, Луксембург, Малта и Шпанија.
Бугарија и Романија се членки на ЕУ од јануари 2007 година, но не и во шенген-зоната во која се вклучени 22 земји на Унијата, плус Исланд, Норвешка и Швајцарија.
Инаку, истото ограничување се применува и кон Хрватска, која е полноправна членка на Унијата од јули годинава. Оваа одредба на ЕУ за Хрватска ќе биде во сила до 2020 година.
Баш како и бугарско-романскиот случај, многу членки на Унијата веќе ја имаат укинато оваа одредба овозможувајќи им на Хрватите слободен пристап до пазарот на труд. Моментално, на ограничувањето се придржуваат 13 земји на Унијата.
Во предизборниот период во Европа се интензивираа изјавите против странските работници, иако повеќето истражувања укажуваат дека приливот на странска работна сила дополнително ја јакне и оживува економијата.
За ограничување на слободниот пристап до пазарите на труд во Европа најмногу се залага Велика Британија. Премиерот Дејвид Камерун изјави дека во внатрешноста на Унијата е можно да дојде до навала на мигранти и дека тоа сценарио мора да се спречи со долгорочни ограничувања. Тој дури и се закани дека Велика Британија би можела да стави вето на приемот на нови членки доколку не се заострат овие ограничувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.