Да, јас сум обична девојка, вработена во некоја фирма или институција. Живеам нормален живот како и секоја моја пријателка. Се шегуваме, се фотографираме, споделуваме на Фејсбук. Понекогаш тие фотографии се необични, или можеби за некој вулгарни, иако се работи, на пример, само за млада личност облечена во бикини. Но постарите велат младост лудост… Да така би требало да биде. Но се додека некој не оцени дека може да добие некој поен злоупотребувајќи нечиј профил на социјалните мрежи, нечии лични фотографии, некој туѓ разговор. Особено кога некој ќе оцени дека тука има „добри“ политички, лични или некој друг вид поени.
Ивана Вељановска, ќерката на претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, е само една од личностите на кои им е злоупотребена фотографија споделена со пријателите на социјалните мрежи. Иако од неговиот Кабинет реагираа дека приватниот живот на ќерката на спикерот нема врска со работата на нејзиниот татко, одредени субјекти ја ширеа веста дека Ивана се сликала во бикини. Ивана Вељановска до сега нема поднесено претставка до Дирекцијата за заштита на лични податоци поради злоупотребата на нејзината фотографија. Оттаму се децидни – доколку смета дека и е нарушена приватноста може да се обрати.
Познатите лути на медиумите
Честопати со овој проблем се соочуваат јавните личности. Разговор споделен со пријатели, фотографија од приватни забави – сето тоа било споделено не само на Фејсбук туку и во медиумите. Секогаш за различни цели.
-Кај нас честопати се јавуваат јавни личности да реагираат што сме презеле некоја нивна фотографија. Но никој не се осудил да поведе постапка. Едноставно Фејсбук е јавно место. Никој со сила не ја натерал личноста да стави фотографија која ќе биде, како што велат тие, злоупотребена. Ако си јавна личност, мора да си свесен за цената која ја носи славата – вели еден уредник во македонски магазин.
Неодамна еден македонски актер реагирал бидејќи негов статус бил искористен во новинарски текст. Тој сметал дека неговиот статус не е изјава која може да се користи. И статусите на поранешен министер постојано се мета на новинарите. Но интернет правилото е исто за сите – се што ќе се постави на интернет останува таму засекогаш.
– Мора да се внимава што се постира и за што се користи профилот. Многу често луѓето не се свесни дека сами си ги предизвикуваат проблемите. Не е реално да имаш 2 000 пријатели. А кога веќе си дозволил тие луѓе да ти бидат пријатели, мора да си заштитиш одредени работи да не можат сите да ги следат, или воопшто да не ги споделуваш на профил. Согласноста на субјектот е најважна. Затоа мора да се внимава пред да се притисне дека се согласуваш со некое правило на социјалната мрежа. Мора да се читаат сите тие информации пред да се согласиме. На интернет има само едно правило – се што ќе се постави на интернет останува таму засекогаш. Тоа е прво правило. Потоа е заштита на приватност и почитување на туѓа приватност – вели Елена Стојановска, советник во Дирекцијата за заштита на лични податоци.
Таа нагласува дека јасно се знае каде се архивираат работите, колку време се чуваат таму. Но, за жал, никој не го чита.
-Не може цел ден да поминуваш на Фејсбук, а да не се заинтересираш што е тоа, кој следи, кој чува, колку време чува. Реално не знаеме што користиме – додава советничката од Дирекцијата.
Личната вина е најголема
Разговаравме што во случај на крадење фотографија од Фејсбук профил. Таа нагласува дека мора да се знае дека фотографијата е личен податок. Тоа е биометриски податок. Поради тоа и има основа за поведување постапка, иако не се исклучува личната вина за постирање за условно кажано, спорни фотографии.
-Реобјавувањето на фотографија од Фејсбук е спорно во основа. Да, тоа е објавено на Фејсбук, јавно, на интернет. Но користењето на лични податоци е спорно – коментира Стојановска.
Сепак, мора да се има в предвид дали се работи за јавна личност или не. Иако сите сме еднакви пред закон со славата се губи приватниот живот. Ако фотографијата само по себе не укажува на некоја спорна активност . Проблемот е користење на фотографии и правење приказни врз основа на фотографиите од непознати личности.Тука е важен и кругот на пријатели кој го имаме. Можеби очекуваме дека споделувањето фотографија ќе биде во кругот на нашите пријатели, но секогаш треба да имаме впредвид кој ни е пријател.
Јавните личности не можат да очекуваат дека доколу некој медиум или новинар им е во тој круг на пријатели, истиот нема да ја „злоупотреби фотографијата“,
-Кај јавните личности е спорно објавување на фотографии од нивните деца. Тие како родители можат да објават фотографија од своето дете, но медиумот кој ќе ја преземе мора да води сметка дека се работи за малолетни лица. Кога има деца тоа не смее да се објави без согласност на родителот, без разлика дали тоа било објавено на профилот на родителот. Со малолетниците мора да се постапува претпазливо. Може ние немаме таква судска пракза, но светската пракса покажува друго. На пример Принцезата Каролина од Монако беше сликана со едно од своите деца во Трговски Центар. Весникот кој ја објави фотографијата беше казнет бидејќи фотографијата сама по себе претпоставувала дека таа во моментот се расправа со своето дете – додава таа.
Преземањето на фотографии од профилите на социјалните мрежи е оставено на свеста на медиумите за информација од јавен карактер.
-Кај нас како одредба постои дека медиумот секогаш треба да го следи јавниот интерес, без разлика за каков медиум станува збор. Не треба да бидеме сватени како цензура, но мора да се процени јавниот интерес од објавување на нешто. Кога зборуваме за медиуми кои се претставуваат како сериозни мора да го ценат јавниот интерес и суштината на информацијата. Дали ако кажеме некој личен податок истата информација ќе биде поголема, поважна или ќе биде иста? Ако е иста зошто би објавиле нечиј личен податок? – коментира нашата соговорничка, која додава дека досега немало претставка за извадена фотографија од нечиј профил.
Казна затвор за лажен профил
Дирекцијата за заштита на лични податоципостојано прима претставки за злоупотреби на социјалните мрежи, главно за Фејсбук. Минатата година за креирање на лажни профили на Фејсбук биле поднесени 120 претставки. Се работи за креиран профил со туѓа слика и податоци. За злоупотребени лозинки се поднесени 45 претставки. Најчесто се работи за наивно давање на лозинка на момче, девојка, родители… Од дирекцијата велат дека мора да се сфати дека и корисничко име и лозинка се лични податоци и дека не смеете да користите иста лозинка за меил, фејсбук, твитер…
-Хакираните профили на Фејсбук ретко можеме да ги вратиме назад. Најчесто се избришани. Но постои можност со покомплицирана процедура, затоа што тоа зависи од Фејсбук претставништвото. Со Фејсбук имаме договор. Кога почнаа луѓето да се јавуваат кај нас, сфативме дека мораме да ја официјализираме комуникацијата со Фејсбук администрацијата. Реално тие немаат причина да ни одговараат. Ова е наш закон, наши правила. Меѓутоа имаа в предвид дека ова се случува и имаме контакт лица со кои комуницираме. Од моментот кога примаме претставка за злоупотрена на Фејсбук, им испраќаме факти кои им се потребни во претставништвото во Даблин по електронски пат и за кратко време имаме одговор. Најчесто е бришење на профил кој е лажен. Тоа е брза интервенција. Но тоа не гарантира дека нема да се повтори. Сме имале случаи кога повторно се отвора со истите податоци. Во таков случај покренуваме кривична пријава до јавното обвинителство, кое си комуницира со единицата за откривање на компјутерски криминал во склоп на МВР. Тоа е тоа што ние можеме да го направиме, нивото на коеможеме да постапиме. Ние не можеме да кажеме кој тоа ви го направил. Ние можеме да го отстраниме само она со кое е злоупотребен вашиот податок. А кој тоа го направил може да знае МВР. Ние сме првата станица за помош. Но кога има повторување на случај, МВР реагира на нашите барања – вели Стојановска, советник во Дирекцијата.
Еден случај за злоупотреба на туѓи податоци и туѓа фотографија завршил со казна затвор. Се работело за лажен профил, а лицето кое го имало отворено тој профил добил казна затвор. Иако најчесто се прави злоупотреба на податоци на јавни личности со цел да се придобие некоја корист, некој контакт и слично, казната затвор е за случај со профил на личност која воопшто не е позната.
Лажни некролози и секс огласи
Тие имаат добиено десет претставки за отстранување видеа од јутјуб, објавени без согласност на лицата кои се појавуваат во тоа видео. Најчесто се работи за монтирани фотографии, прилепени една на друга, кои кружат како видео пропратено со текст или песна. Добиле и две претставки за објавување на лични податоци во огласи. Тука се работи и за лажно претставување, но дирекцијата овие случаи ги разгледува од аспект на злоупотреба на лични податоци. Еден од случаите бил оглас за нудење сексуални услуги. Имале и случај со лажно откажување од децата. Од дирекцијата велат дека мора медиумите кои објавуваат огласи да имаат воспоставен механизам за проверка. Се случувало да се објавуваат и лажни некролози.
Пишува: Билјана Зафирова
Текстот е објавен во неделникот Република на 12 јануари 2013
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.