Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС) првпат го спроведоа истражувањето „Глобално водство, соседство и односи со Бугарија“, кое треба да послужи за информирана јавна дебата за предизвиците на Македонија во натамошните евроатлантски интеграции.
МЦМС го објави вториот дел на истражувањето, во кој се испитувани ставовите на граѓаните за односите на соседите со Македонија: Односите со соседите се важни за Македонија, според големо мнозинство (93,2 %) на граѓаните. Граѓаните ги оценуваат сегашните односи со соседите со 0,11 на скала од -5 до 5.
Од петте соседи, граѓаните ја перципираат Србија (42,5 %) како најпријателски сосед, по која следува Албанија (18,5 %), додека најнепријателски сосед е Грција (81,2%), а секој петти граѓанин (22,8 %) мисли дека ниту еден сосед не е најпријателски за Македонија. Ставовите за Србија и за Албанија како најпријателски сосед се разликуваат меѓу етничките Македонци и Албанци, а за Грција како најнепријателски сосед нема разлики по етничка припадност и партиско симпатизерство.
Прашани посебно за секој сосед, граѓаните на Македонија ги имаат следните перцепции за пријателското или неутрално однесување: Србија (87,1 %), Албанија (71,3 %), Косово (64,4 %), Бугарија (53,4 %) и Грција (7,95 %).
Во последните пет години најмногу се подобрени односите, според перцепциите на граѓаните, со Србија (20,6 %) и Албанија (19,6 %), а секој петти граѓанин (21,7 %) смета дека не се подобрени односите со ниту еден сосед.
Најдобри лични искуства, најмногу ја познаваат историјата и културата и најдобро мислење етничките Македонци имаат за Србија, а етничките Албанци за Албанија. Етничките Македонци имаат најдобри лични искуства со Србија (52 %), најмногу ја познаваат нејзината историја и култура (51,9 %) и за неа имаат најдобро мислење (63,7 %). Етничките Албанци имаат најдобри лични искуства со Албанија (44,3 %), најмногу ја познаваат нејзината историја и култура (64,8 %) и имаат најдобро мислење за неа (71,9 %).
Најмногу граѓани (39,3 %) сакаат еднакво добри односи со сите соседи, а потоа најблиски односи со Србија посакуваат 19,6 %, со Албанија 12,8 % и со Бугарија 8,9 % а најмалку со Грција (6,7 %).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.