| четврток, 6 декември 2018 |

За премиерот развојот на економијата е клучот за подобар животен стандард

За премиерот Никола Груевски ова е формулата со која се доаѓа до подобар животен стандард.

-Токму затоа ние сме најмногу насочени на привлекување инвестиции. Затоа уште на почетокот на мандатот си го поставивме прашањето ако инвестициите се клучот за животниот стандард за развој на економијата, што е тоа што ние треба да го направиме за земјата да ја направиме поатрактивна за инвеститорите, па така дојдовме до илјадници промени на закони и нивно спроведување. Со нив земјата драстично ја придвиживме до добра здравствена клима. Приватизацијата порано беше така структуирана за да влезат менаџери  кои во тоа време беа блиски до власта на СДСМ. Во приватизацијата странски компании не можеа да влезат. Затоа направивме промени, имаме најдобар даночен пакет во Европа, ние сме држава со најниски трошоци за правење на бизнис. Овозможивме земјата да не е мал пазар, туку ако извезуваш низ цела Европа, не плаќаш царина. Светската банка кога јас станав премиер нѐ рангираше на 94. место од 178. Сега сме на 25. место, пред 21 земја-членка на ЕУ – рече Груевски.

Тој посочи дека низа меѓународни институции прогласуваат одличен напредок во Македонија. Тоа е патот, вели тој, и така ќе продолжиме натаму.

Владините роуд шоуа даваат големи резултати. Имаше скептици кои не веруваа дека ова ќе се исплати. Премиерот негираше дека СДСМ има поврзаност со пристигнувањето на инвеститорите „Џонсон Мети“ и „Џонсон контролс“, изјава дадена од лидерот на опозицијата Зоран Заев.

– Ние кога дојдовме на власт, Бунарџик беше празна ливада. Пресудете дали „Џонсон контролс“ е донесен од СДСМ. Ние го склучивме договорот со „Џонсон контролс“, во 2008 година почнаа да градат и потоа изградија уште една фабрика. Тоа е вистината – вели Груевски.

Груевски посочи дека има уште голем број компании заинтересирани да инвестираат во Македонија, но не ги откри имињата на компаниите бидејќи инвеститорите сами ќе си ја најават инвестицијата.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top